Ибарската магистрала меѓу најопасните на светот, Србија на второ место

Ибарската магистрала во Србија е ставена на второто место на листата на најопасни патишта во светот за 2026 година, што ја објави BBC Science Focus Magazine. Пред неа е само патот Кејлонг–Киштвар во Индија, додека зад неа на третата позиција е романскиот Трансфагарашан.

Во образложението, британското списание наведува дека државниот пат 22, познат и како Ибарски пат, во Србија важи за еден од најопасните во Европа, но и за еден од најфреквентните во земјата.

Како главна причина се посочуваат долгите правци што нагло се прекинуваат со опасни кривини, поради што несреќите се чести, особено ноќе. Според истиот извор, најголем дел од ризикот се поврзува со брзо возење и возење под дејство на алкохол.

Патот во Србија со години го следи и мрачниот прекар „црна магистрала“. Специјализираниот портал Dangerous Roads наведува дека оваа сообраќајница е долга 297 километри, го поврзува Белград со западна Србија и со Црна Гора и во голем дел е еднолентна, со густ сообраќај и променлив квалитет на коловозот.

Истиот портал предупредува дека ноќното возење е особено ризично и дека токму комбинацијата од оптоварен сообраќај и тешки делници ја прави една од најпроблематичните рути во регионот.

Новото рангирање повторно ја врати Ибарската магистрала во фокусот не како обичен патен правец, туку како симбол на сообраќаен ризик што одамна ја надминува локалната репутација. Иако станува збор за медиумска листа, а не за официјална глобална статистика, изборот покажува дека оваа српска делница и натаму се вбројува меѓу најозлогласените патишта во светот.

Зачлени се на нашиот е-билтен