Новоизбраниот унгарски премиер Петер Маѓар остро ја критикуваше одлуката на владата на Виктор Орбан за доделување азил на полските политичари Збигњев Жиобро и Марцин Романовски, кои се товарат за злоупотреба на службена должност.
Во својата изјава, Маѓар ја отвори и темата за поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој претходно доби азил во Унгарија, посочувајќи дека ваквата пракса мора да заврши.
„Унгарија не смее да биде прибежиште за криминал“
Маѓар порача дека Унгарија нема да биде засолниште за лица обвинети или осудени за криминални дела, без разлика дали станува збор за домашни или странски политичари.
„Унгарија нема да биде засолниште за меѓународни криминалци. Тоа важи и за г. Никола Груевски, поранешниот премиер, кој е осуденик“, изјави Маѓар.
Тој додаде дека очекува и другите европски држави да постапуваат исто, односно да не дозволуваат бегство од правдата и да ја почитуваат екстрадицијата во рамки на европската соработка.
Во продолжение, Маѓар директно им се обрати на Жиобро и Романовски, повикувајќи ги да се вратат во Полска и да се соочат со обвиненијата против нив.
„Доколку немаат што да кријат, треба да се вратат и да го расчистат својот случај пред институциите“, порача тој.
Маѓар додаде дека, доколку тие и понатаму се наоѓаат на унгарска територија, ќе се разгледаат сите правни можности за нивна екстрадиција во Полска.