Фон дер Лајен за примирјето меѓу Израел и Либан: „Олеснување по големи загуби“

Урсула Фон дер Лајен, го поздрави десетдневното примирје меѓу Израел и Либан, кое го најави американскиот претседател Доналд Трамп, нагласувајќи дека Европа ќе продолжи да повикува на почитување на територијалниот интегритет на Либан.

„Го поздравувам најавеното примирје меѓу Израел и Либан, посредувано од претседателот Трамп. Тоа е олеснување, бидејќи овој конфликт веќе однесе премногу животи“, напиша Фон дер Лајен на мрежата X.

Таа додаде дека Европската унија ќе продолжи да инсистира на целосно почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Либан, како и дека ќе продолжи да обезбедува значајна хуманитарна помош за либанското население.

Да потсетиме, Трамп претходно денеска објави на својата мрежа Truth Social дека ќе ги покани израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и либанскиот претседател Џозев Еон во Белата куќа, на првите посериозни разговори меѓу двете земји по 1983 година.

Во претходна објава, тој соопшти дека Израел и Либан ќе започнат десетдневен прекин на огнот, кој ќе стапи во сила во 17 часот по источноамериканско време, односно во 23:00 часот по средноевропско време.

Зачлени се на нашиот е-билтен