Судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ продолжува со изведување материјални докази, при што во фокусот на денешното рочиште се судско-медицинските обдукциски наоди за жртвите. Оваа фаза од постапката треба да ги отвори доказите за причините за смртта и за околностите што, според обвинението, довеле до трагичните последици.
Рочиштето се одржува во судницата во КПУ „Идризово“, каде што продолжува доказната постапка за пожарот во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. По досегашното сослушување на родители, преживеани, гости во клубот, инспектори, претставници на институции, Општина Кочани и членови на бендот што настапувал таа вечер, процесот влегува во делот на материјалните докази.
Обвинителството најави дека по изведувањето на обдукциските наоди ќе биде повикано и вешто лице, кое треба да одговори на прашањата што останале отворени во јавноста и во постапката. Од обвинителскиот тим посочуваат дека доказите не се однесуваат само на самиот момент на избувнување на пожарот, туку и на поширокиот амбиент во кој се случила трагедијата, меѓу кои преполнетоста на објектот, материјалите во просторот, емисијата на гасови и можноста за евакуација.
На рочиштата треба да се утврдува и што покажале анализите поврзани со вдишувањето штетни материи, вклучително и прашањата што се отворија во јавноста за составот на гасовите и наодите во крвта на жртвите. Обвинителството наведува дека тие испитувања биле опфатени со првичната наредба и дека резултатите ќе бидат презентирани во судница преку вештите лица.
Не е прецизирано колку рочишта ќе бидат потребни за изведување на материјалните докази. Обвинителството посочи дека динамиката ќе зависи од текот на постапката, од одбраната и од одлуките на судот за ефикасно водење на процесот. Поради чувствителноста на доказите, можно е судот да одлучува и за исклучување на јавноста од делови од рочиштата, во зависност од начинот на кој ќе се изведуваат доказите.
Судскиот процес за пожарот во „Пулс“ почна на 19 ноември минатата година. Судењето го води судијката Дијана Грувеска Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители. Пожарот избувна на 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК, и останува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.