Косово повторно во политички ќорсокак откако пропадна обидот за избор на претседател

Косово влезе во нова фаза на политичка неизвесност откако синоќешниот обид за избор на претседател на државата пропадна поради недостиг на кворум. На седницата на Собранието во Приштина присуствуваа само пратениците од Движењето Самоопределување и нивните коалициски партнери, вкупно 64 пратеници, што не беше доволно за валидно гласање во првиот круг.

За избор на претседател во првите два круга е потребно присуство и поддршка од најмалку две третини од пратениците, односно 80 од вкупно 120 членови на косовското Собрание. Поради тоа, ниту една од кандидатките предложени од Самоопределување не беше избрана, а седницата беше прекината со најава дека ќе продолжи денеска, на последниот рок за избор на шеф на државата.

Кандидатката Фериде Рушити доби 63 гласа, додека Хатиџе Хоџа не обезбеди поддршка, а еден глас беше неважечки. Опозициските партии ја бојкотираа седницата и го оспорија начинот на кој мнозинството ја води постапката, оценувајќи дека без потребниот кворум не може да започне валиден круг на гласање.

Опозицијата тврди дека власта се обидува да ја турка постапката без поширок политички договор, додека премиерот Албин Курти ја обвинува опозицијата дека намерно го блокира процесот. Тој порача дека биле направени обиди за компромис, вклучително и преку разговори за можни консензуални кандидати, но без резултат.

Косовскиот институт за демократија предупреди дека заобиколување на кворумот би создало опасен преседан за парламентарната демократија. Слична оценка даде и извршниот директор на Косовскиот институт за правосудство, Ехат Мифтарај, кој смета дека постапката без присуство на најмалку 80 пратеници го отвора прашањето за уставноста на целиот процес.

Според одлуката на Уставниот суд на Косово, доколку претседател не биде избран до 28 април, парламентот се распушта автоматски, а предвремените парламентарни избори треба да се одржат во рок од 45 дена. Тоа би значело нов изборен циклус во земјата по долг период на институционални блокади и неуспешни обиди за обезбедување стабилно мнозинство.

Политичкиот застој во Приштина трае со месеци и ја држи земјата во неизвесност околу формирањето и функционирањето на институциите. Без договор меѓу власта и опозицијата, Косово се приближува кон нови предвремени избори, што дополнително би ја продолжило кризата во време кога земјата се соочува и со притисоци околу дијалогот со Србија и европската агенда.

Зачлени се на нашиот е-билтен