Уставен суд: Предметот е за договорот, не за културните работници

Уставниот суд соопшти дека постапката за Колективниот договор за култура е во фаза на оценување на уставноста и законитоста и дека конечна одлука сè уште не е донесена. Реакцијата доаѓа пред најавениот протест на културните работници пред Судот, закажан за денеска, 28 април.

Од Судот наведуваат дека со внимание ги следат реакциите во јавноста и загриженоста што ја изразува културната заедница, но апелираат информациите за предметот да се следат внимателно и објективно. Според Судот, не треба да се создава впечаток дека веќе е донесена одлука или дека постапката е насочена кон вреднување на работата и придонесот на уметниците и културните работници.

Во соопштението се нагласува дека уставно-судската контрола се однесува на актот, а не на културните работници. Уставниот суд наведува дека постапува исклучиво во рамки на своите уставно утврдени надлежности и дека ја оценува усогласеноста на прописите со Уставот и законите.

Предметот се однесува на Колективниот договор за култура и на член 78-љ од Законот за култура. Судот претходно соопшти дека во оваа фаза оценува дали Колективниот договор се движи во рамките на законското овластување или, пак, воспоставува сопствен модел за утврдување плати надвор од јасно утврдена законска методологија.

Според податоците што Судот ги објави по поведувањето на постапката, оспорениот Колективен договор опфаќа 74 национални установи со 1.976 вработени и 49 локални установи со уште 492 вработени, односно вкупно 2.345 вработени во 123 установи од културата.

Синдикатот на културата најави протест пред Уставниот суд под пораките „Договорите не се поништуваат“ и „Уметниците не се понижуваат“. Од синдикатот сметаат дека постапката го отвора прашањето за веќе стекнатите права на вработените во културата и предупредуваат дека евентуално укинување на договорот би создало несигурност во системот на плати и работни места.

Во претходните реакции, Синдикатот ги оспори и податоците за висината на платите што биле презентирани во јавноста, наведувајќи дека најголем дел од вработените во културата имаат плати во рамки од околу 35.000 до 55.000 денари. Од Судот, пак, посочуваат дека предметот не се однесува на статусот, значењето или примањата на културните работници, туку на прашањето дали актот е усогласен со Уставот и законите.

Зачлени се на нашиот е-билтен