Слобода на медиуми под притисок: Македонија стагнира во „проблематична зона“

медиуми

Светскиот ден на слободата на медиумите, 3 Мај, годинава се одбележува во сенка на сериозни глобални предупредувања за драматично влошување на состојбата со новинарството, при што последниот извештај на Репортери без граници покажува дека слободата на медиумите е на најниско ниво во последните 25 години.

Во ваков контекст, позицијата на Северна Македонија не е исклучок, туку дел од поширок регионален и светски тренд на ерозија на медиумските стандарди и доверба. Што, се разбира, не е оправдување.

Индексот на Репортери без граници, кој ги рангира 180 земји според нивото на медиумски слободи врз основа на политички, правни, економски и безбедносни критериуми, ја сместува Северна Македонија на 42-то место во 2025 година, што претставува пад од три позиции во однос на претходната година, или пад за 9 места во однос на 2024.

Овој пад не е изолиран инцидент, туку дел од континуиран тренд на благо назадување по краток период на подобрување, со што земјата се наоѓа во категоријата „проблематична“ медиумска средина.

Репортери без граници констатира дека иако формално новинарите во Македонија не работат во целосно непријателска средина, извештаите укажуваат на сериозни структурни слабости. Меѓу нив се издвојуваат ширењето на дезинформации, падот на професионалните стандарди и сè пониската доверба на јавноста во медиумите.

Дополнително, односот на политичките актери кон новинарите често се оценува како несоодветен, што создава атмосфера на притисок и индиректна цензура.

Економскиот аспект е уште еден клучен фактор што го влошува медиумскиот пејзаж. Индексот бележи пад на резултатот на Северна Македонија на околу 70 поени во 2025 година, што е значително намалување во однос на претходните години.

Ова укажува на зголемена економска ранливост на медиумите, зависност од политички и бизнис центри на моќ и ограничени ресурси за независно новинарство – тренд кој Репортери без граници го идентификува како глобален проблем.

Во регионален контекст, Северна Македонија се наоѓа во средината на табелата на Западен Балкан, зад некои земји како Црна Гора, но пред други како Албанија и Косово. Оваа позиција ја отсликува двојната реалност: од една страна постои формална слобода на изразување, а од друга страна – реални ограничувања во практиката.

Глобалната слика дополнително ја засилува сериозноста на проблемот. Повеќе од половина од светската популација живее во земји каде медиумските слободи се оценети како „многу сериозни“, додека помалку од 1% од луѓето живеат во држави со „добра“ состојба на медиумска слобода. За Репортери без граници, овие податоци ја потврдуваат тезата дека кризата со медиумите е системска и глобална, а не локална аномалија.

Во такви услови, Светскиот ден на слободата на медиумите не е само симболичен потсетник на значењето на новинарството, туку и аларм за потребата од суштински реформи. До тогаш Македонија, без посериозни чекори за напредок, останува земја која формално чекори кон Европа, но сè уште се бори да обезбеди целосно слободен и независен медиумски простор.

Зачлени се на нашиот е-билтен