Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека примирјето со Иран е „на апарати за одржување во живот“, откако остро го отфрли иранскиот одговор на американскиот предлог за прекин на конфликтот и нов договор меѓу двете земји.
Говорејќи на настан во Белата куќа, Трамп рече дека одговорот што пристигнал од Техеран е „целосно неприфатлив“ и додаде дека дури не сакал ни да го дочита документот до крај. Според него, актуелното примирје е во многу кревка состојба и може брзо да пропадне.
Според американските медиуми, Вашингтон бара значително ограничување на иранската нуклеарна програма, прекин на збогатувањето ураниум и нов безбедносен договор за регионот, додека Иран бара укинување на американските санкции, деблокада на Ормускиот Теснец и ослободување на замрзнатите ирански средства.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, изјави дека иранскиот предлог бил „дарежлив и одговорен“, оценувајќи дека барањата на САД се неразумни и насочени кон политички притисок врз Техеран.
Во меѓувреме, аналитичарите предупредуваат дека дополнително влошување на односите меѓу САД и Иран може повторно да предизвика тензии во Персискиот Залив и нов раст на цените на нафтата, особено поради стратешкото значење на Ормускиот Теснец за глобалната трговија со енергенси.
Се очекува Трамп во наредните денови да разговара и со кинескиот претседател Си Џинпинг, од кого ќе бара поголем притисок врз Иран, имајќи предвид дека Кина е еден од најголемите купувачи на иранска нафта.