Првата полуфинална вечер на Евровизија 2026 се одржува вечерва во Виена, со што официјално почнува 70. издание на најголемиот европски музички натпревар. Настанот се одржува во „Винер Штадхале“, а домаќини на трите евровизиски вечери се Викторија Сваровски и Михаел Островски.
Во првата полуфинална вечер настапуваат 15 земји, од кои десет ќе обезбедат место во големото финале на 16 мај. Во полуфиналето повторно ќе учествуваат и професионалните жирија, заедно со публиката, при одлучувањето кои земји ќе продолжат понатаму.
Вечерва ќе настапат Молдавија, Шведска, Хрватска, Грција, Португалија, Грузија, Финска, Црна Гора, Естонија, Израел, Белгија, Литванија, Сан Марино, Полска и Србија. Италија и Германија ќе настапат во шоу-програмата и ќе гласаат во првото полуфинале, но не се натпреваруваат бидејќи директно се пласирани во финалето како дел од земјите со автоматски пласман.
Србија вечерва настапува последна во натпреварувачкиот дел, со групата LAVINA и песната „Kraj Mene“. Црна Гора ќе се претстави со Тамара Живковиќ и песната „Nova Zora“, додека Грција настапува четврта со Akylas и „Ferto“.
Евровизија годинава се одржува во Виена по победата на Австрија во 2025 година. Австриската престолнина третпат е домаќин на натпреварот, по изданијата во 1967 и 2015 година. Во 2026 година учествуваат 35 земји, а Македонија не е меѓу учесниците.
Ова издание на Евровизија почнува и во сенка на политички контроверзии околу учеството на Израел. Дел од европските јавни сервиси и земји го бојкотираат натпреварот поради израелското учество и војната во Газа, а во Виена се најавени и пропалестински протести за време на евровизиската недела.
Втората полуфинална вечер ќе се одржи на 14 мај, а големото финале е закажано за 16 мај. Од двете полуфиналиња ќе се изберат вкупно 20 финалисти, кои ќе им се придружат на Австрија и автоматски пласираните земји во финалната вечер.