Казна од 250 евра за родител на дете кое се однесува насилно во училиштето, но и ако тој родител не сака да соработува со училиштето или со другите институции, предвидуваат законските измени што денеска ги најави министерската за образование и наука Весна Јаневска.
„Државниот секретар е во постојан контакт со пратениците и мислам дека во овој момент се во Собрание, за да ги до оформат тие предлози и веќе е донесена таа одлука, тие измени ќе се направат и останува казната од 250 евра за секое сторено насилно дело на детето да биде казнет родителот, но и тоа што е многу важно, повторувам, и кога родителот ќе одбие да соработува со училиштето и другите институции – рече Јаневска.
Таа претходно најави измени на Законот за основно образование, во кој би се предвидела казна за децата кои се насилни во училиштето, што ќе треба да ја плати родителот.
Само во последниот месец се случи неколку инциденти меѓу ученици од основно училиште кои ја вознемирија јавноста, а меѓу нив најбрутални беа случајот на повеќекратно малтретирање, тепање и понижување на ученичка од Ѓорче Петров, како и прободување со нож на ученик во деветто одделение во Ченто.
