Државно-црковна делегација од Македонија во Рим за чествувањето на Светите Кирил и Методиј

Државно-црковна делегација од Македонија, предводена од претседателот на Собранието Африм Гаши, престојува во Рим по повод традиционалното чествување на Светите Кирил и Методиј и оддавањето почит на свети Кирил.

Во рамки на посетата, Гаши денеска во Ватикан ќе има аудиенција кај папата Лав XIV и средба со Пјетро Паролин, државен секретар на Светата Столица. Централниот дел од чествувањето е предвиден за утре во базиликата „Сан Клементе“ во Рим, каде што свештенослужители на Македонската православна црква – Охридска архиепископија ќе одржат молебен на гробот на свети Кирил.

Црковната делегација ја предводи архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, а во неа се и митрополитите на Европската и на Дебарско-кичевската епархија, г. Пимен и г. Георгиј, заедно со отец протојереј ставрофор Зоран Стојанов, претставник од Католичката црква.

Во државната делегација, покрај Гаши, се пратениците Никола Мицевски, Оливер Спасовски, Даниел Стојчевски и Беким Ќоку, а претставник од Владата е министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Македонската делегација ќе ја посети и папската базилика „Санта Марија Маџоре“, каде што Гаши ќе положи венец на спомен-плочата напишана на македонски јазик. Плочата е поставена во 2015 година како благодарност од македонскиот народ за гестот на папата Адријан Втори, кој во 868 година во оваа базилика ги осветил словенските книги донесени во Рим од браќата Константин – Кирил и Методиј.

Во рамки на програмата, делегацијата ќе го посети и гробот на папата Франциск во базиликата „Санта Марија Маџоре“. Чествувањето во Рим ќе заврши со концерт на камерниот ансамбл „Консонанс“ во салата „Хорти Салустиани“.

Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј во Македонија има долг просветен и културен континуитет. Првото одбележување било во 1860 година во црквата „Св. Богородица“ во Скопје, а од 2007 година 24 Мај е државен празник и неработен ден за сите граѓани.

Најчитано