Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти, по четиридневната посета на Србија оцени дека состојбата со човековите права во земјата се влошила во споредба со неговата претходна посета во април 2025 година. Во официјалното соопштение, објавено по посетата од 18 до 21 мај, тој наведува дека разговарал со претставници на институции, медиуми, академската заедница, цивилниот сектор и студенти во блокада.
О’Флаерти посочува дека неговата посета била фокусирана на слободата на изразување, слободата на медиумите, правото на мирно собирање и заштитата на граѓанскиот простор. Според него, во Србија се бележи раст на насилство, заплашување и вознемирување на новинари и актери од цивилното општество кои јавно ги критикуваат владините политики.
Во соопштението се наведува дека медиумската средина е дополнително нарушена од доминацијата на власта во медиумскиот сектор, нефункционален медиумски регулатор и голем број тужби против новинари, особено против оние што известуваат за студентските протести и истрагите поврзани со корупција. Комесарот посочува и дека, според податоци на Постојаната работна група за безбедност на новинарите во Србија, само пет од околу 200 документирани напади врз новинари во 2024 и 2025 година завршиле со правосилни судски пресуди.
Посебен дел од оценката се однесува на студентските протести, кои започнаа по трагедијата во Нови Сад во ноември 2024 година. О’Флаерти наведува дека постојат бројни извештаи за прекумерна употреба на сила од полицијата, апсења на мирни демонстранти и понижувачко постапување во притвор. Во соопштението се наведуваат и извештаи дека полицијата заштитувала неидентификувани и често маскирани напаѓачи врз новинари и демонстранти.
Комесарот предупредува дека поткрепени претставки за неприфатливо полициско однесување, според неговите сознанија, не биле истражени ниту процесирани. Тој изразува загриженост и поради тоа што, и покрај сведочења на повеќе од 3.000 граѓани, не е отворена официјална истрага за наводниот напад со звучно оружје на 15 март 2025 година.
Во делот за граѓанскиот простор, О’Флаерти оценува дека состојбата нагло се влошила. Тој наведува дека организации што работат на човекови права, борба против корупција и изборен мониторинг редовно се претставуваат како „предавници“ или „странски агенти“ во провладини медиуми и од дел од високи функционери. Според него, таквата реторика ја зголемува опасноста од физичко насилство.
Комесарот упати повик до властите во Србија големите демонстрации најавени за сабота, 23 мај, да бидат обезбедени во целосна согласност со обврските за заштита на човековите права. Тој најави дека внимателно ќе ја следи ситуацијата.
Во текот на посетата, О’Флаерти се сретнал со републичката јавна обвинителка Загорка Доловац, заштитникот на граѓаните Зоран Пашалиќ и комесарот за заштита на рамноправноста Милан Антонијевиќ. Во соопштението се наведува дека властите ги откажале планираните средби со министерот за правда, министерот за човекови и малцински права и социјален дијалог и вршителот на должност секретар во Министерството за внатрешни работи.
Оценката на Советот на Европа доаѓа во пресрет на нов голем студентски протест на плоштадот Славија во Белград, во услови на продолжени тензии меѓу студентското движење, институциите и власта во Србија. Студентските протести, кои почнаа по падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, прераснаа во пошироко движење со барања за одговорност, фер изборни услови и институционална транспарентност.
