Кина во шок по една од најтешките рударски трагедии во последните години, откако експлозија на гас во рудникот Лиушењу во северната провинција Шанси однесе најмалку 90 животи. Несреќата се случила во петокот вечерта, на 22 мај, кога под земја биле 247 рудари, а спасувачките екипи и во саботата продолжија со операцијата во рудникот во округот Ќинјуен, градот Чангџи.
Првите информации од кинеските власти говореа за 8 загинати, 201 спасен рудар и 38 лица кои останале заробени под земја. Подоцна, според извештаите на CCTV што ги пренесоа меѓународните медиуми, бројот на загинати драматично се искачил на 90, што ја претвори несреќата во национална трагедија.
Експлозијата се случила во рудник на Shanxi Tongzhou Group. Локалните власти соопштија дека одговорно лице од компанијата е ставено под законска контрола, додека причините за несреќата сè уште се истражуваат. Кинескиот претседател Си Џинпинг побарал целосна спасувачка операција, лекување на повредените и утврдување одговорност.
Во раните извештаи се наведува дека во рудникот биле регистрирани опасни нивоа на јаглерод моноксид, што дополнително ја отежнало спасувачката операција. На терен биле испратени шест национални рударски спасувачки тимови со стотици спасувачи и специјализирана опрема.
Шанси е срцето на кинеската индустрија за јаглен, но и регион во кој безбедноста во рудниците со години останува чувствителна тема. Иако Кина ги заостри правилата и контролите, оваа трагедија повторно го отвори прашањето колку животот на рударите вреди во систем што и натаму силно се потпира на јагленот.
