СДСМ денеска на прес конференција ги посочи лагите на Христијан Мицкоски за економијата и животниот стандард, откако, како што тврди партијата, премиерот пред изборите ветувал подобар живот, повисоки плати и економија во која „ќе биде многу подобро“, а сега граѓаните, според нив, живеат потешко и едвај врзуваат крај со крај.
На прес-конференција, членката на Извршниот одбор на СДСМ, Симона Цветановски, порача дека Мицкоски ги излажал граѓаните кога ветувал економски пресврт. Според неа, по две години власт, нема подобар стандард, нема повисоки плати и нема подобар живот за граѓаните.
Партијата тврди дека секојдневието на граѓаните е влошено, а платите остануваат меѓу најниските во Европа. Во настапот беше посочено дека сиромаштијата достигнала 21,9 проценти уште во првата година од владеењето на Мицкоски, што СДСМ го претставува како доказ дека економските ветувања не се реализирани.
Од СДСМ обвинија дека власта нема пари за повисоки плати, нема пари за пензии, нема пари за минимална плата од 600 евра, ниту за земјоделците и повисоки субвенции. Според партијата, ова покажува дека предизборните најави биле едно, а реалноста по преземањето на власта е сосема друго.
Цветановски порача дека Мицкоски ветувал подобар живот, но дека граѓаните денес се соочуваат со поскап стандард, послаба куповна моќ и сè поголем притисок врз домашниот буџет.
