Петар Маѓар со порака додека Арсенал и ПСЖ ја преплавуваат Будимпешта

Арсенал и ПСЖ вечерва ја претворија Будимпешта во фудбалски центар на светот, додека унгарскиот премиер Петер Маѓар порача дека „целиот свет гледа во Будимпешта“, каде што првпат се игра финале од Лигата на шампионите на „Пушкаш Арена“.

Маѓар се јави со порака пред финалето, наведувајќи дека стотици милиони луѓе го следат настанот во унгарската престолнина. Според него, организацијата е огромен логистички предизвик, бидејќи во Будимпешта пристигнале десетици илјади странски навивачи, дел со билети, а дел без билети, кои натпреварот ќе го следат на големи екрани.

Унгарските власти ангажирале околу 4.000 полицајци за обезбедување на финалето. Маѓар порача дека полицијата е подготвена и дека државата ќе направи сè настанот да помине како вистински спортски празник. Тој побара трпение од жителите на Будимпешта поради затворањата на улици, пренасочувањата и засилениот сообраќаен притисок околу „Пушкаш Арена“.

Според унгарските власти, двата клуба официјално добиле по 17.000 билети, но како и на претходни финалиња, во градот пристигнале и навивачи без влезници. Затоа полицијата предупреди дека без важечки билет не вреди да се оди во непосредна близина на стадионот, бидејќи пристапот ќе биде можен само преку повеќестепена контрола.

Навивачите на Арсенал почнале организирано да се движат од Варошлигет кон „Пушкаш Арена“ преку улицата „Штефанија“, додека фановите на ПСЖ се собирале кај MTK Sportpark и од таму преку Керепеши и Дожа Ѓерѓ тргнале кон стадионот. Дел од париските навивачи претходно се фотографирале кај базиликата, каде што биле запалени и факли.

Финалето донело и невиден притисок врз аеродромот „Ференц Лист“. Маѓар рече дека досега немало ден со толку многу авиони во Будимпешта, а во одредени часови летови од Лондон пристигнувале на секои десет минути. Аеродромот очекувал околу 2.000 движења на авиони и 250.000 патници од петок до недела, речиси двојно повеќе од вообичаениот сообраќај.

Будимпешта така не е само домаќин на меч меѓу Арсенал и ПСЖ, туку и сцена на голем тест за безбедноста, транспортот и градската организација. Финалето ја носи спортската драма на теренот, но и политичката порака што Маѓар сака да ја испрати: Унгарија вечерва сака да се прикаже како земја што може да организира настан од највисок светски ранг.

Најчитано