Голем Град, или Змискиот остров, како што понекогаш се именува, не е по тоа единствен. Единствен е затоа што на овие 20-тина хектари површина, што се издига над 30-тина метри на карпестиот рид кој како природен бедем го чува островот, тој е природо-научен и културно-историски музеј под отворено небо среде Преспанското Езеро. Тимот на Рацин.мк, за време на последните денови на мај, го посети островот и ја подготви оваа репортажа.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Фотограф: Ангел АНГЕЛОВСКИ
Кога сте во Преспа, во Преспанскиот регион, бидете подготвени дека ќе откриете огромен број приказни. Почнуваат да се раскажуваат уште откако ќе почнете да се спуштате од Ѓавато од Битола, од Буково од Охрид или од Галичица.

Природата распослала преубави пејсажи кои имаат посебна магија во било кој ден од денот. Но, најмногу пленат изгрејсонцата ако сте Отешево, Стење или Коњско или зајдисонцата ако сте во Претор, Љубојно, Брајчино, Дупени, Наколец или во било кое село под Пелистер кога сонцето заоѓа зад Галичица.

Изборот за да се напојувате од убавини е бесконечен: Од историја и култура, од храна и љубезност на топли луѓе, до мистерии какви што се приказните за Маркова Нога, природниот резервар Езерани или Голем Град, единствениот остров во езерото на македонската страна, и единствениот автентичен, природен остров во македонските езера, ако ги исклучиме оние создадени во вештачките акумулации.

Но, Голем Град, или Змискиот остров, како што понекогаш се именува, не е по тоа единствен. Единствен е затоа што на овие 20-тина хектари површина, што се издига над 30-тина метри на карпестиот рид кој како природен бедем го чува островот, тој е природо-научен и културно-историски музеј под отворено небо среде Преспанското Езеро.

Голем Град – музеј под отворено небо среде Преспанското Езеро
Островот Голем Град е дел од Националниот парк Галичица и строго заштитено подрачје на природата. Тоа значи дека за да дојдете до него потребна ви е дозвола и влезница од управата на паркот и тоа е само првиот чекор.

Следно што треба да направите е да се договорите за превоз до островот. Тоа го прават неколкумина жители на селата Стење и Коњско.
Екипата на Рацин.мк ги испочитува сите овие формалности, а до островот не однесе Митко Тасевски, жител на Коњско, поранешен ренџер на НП Галичица, сега пензионер.
Времето од триесеттина минути до островот не беше доволно да ги раскаже сите приказни што ги знае за островот, но ги забележавме оние најинтересните.

Митко е третата генерација во неговото семејство кое пренесувале посетители на островот. Вели, неговиот дедо тоа го правел со весла.
Тој не ја крие гордоста кога се нарекува чувар на островот. Вели жителите на Коњско и на другите околни села и од Македонија и од Албанија, имаат посебно чувство на одговорност кон островот. Ниту едно камче, ниту едно дрвце од островот не е пренесено од нивна страна на копното.
„Тоа е заради почита што ја имаме“, вели Митко. „Денешните туристи немаат таков однос и одговорност. Се случувало да си земат на заминување некој камен или керамика за спомен од средновековните археолошки локалитети. Некои други, пак, земаат мали желчиња за домашни миленичиња“.

Во срцето на дивата Преспа: Островот што му пркоси на времето
Со тимот на Рацин.мк на островот на придружуваше, односно ни беше водич Гоце Ефтимов, историчар на уметноста, но тука ние го препознавме како вљубеник во островот. Тој веќе десеттина години поголем дел од годината поминува во Коњско и не пропушта прилика да замине на островот каде што ги фотографира природните убавини и живиот свет, особено птиците.

Освен за љубителите и проучувачите на природата, островот Голем Град е едно од најатрактивните места за оние чии интересирања се насочени кон откривањето и истражувањето на остатоците на населбите од неолитот, старомакедонското и римското време (некропола) и средновековието. Освен римската некропола, откриени се шест цркви, а записите велат дека постоеле дванаесет.
Островот впрочем бил континуирано населен 2000 години, а манастирскиот живот се одвивал од X до XIV век. Меѓу пронајдените цркви, од особен интерес е онаа подигната и живописана во XIV врз темели на римска цистерна за вода.

Освен сочуваната црква Св. Петар, средновековната црква Св. Димитрија, постои и ранохристијанската базилика од крајот на IV и почетокот на V век, каде се откриени остатоци од поден мозаик
Гоце беше драгоцен домаќин зашто воопшто не е препорачливо на островот да се оди без придружник и некој што го познава. Заради ретките посетители, природата си го прави своето, па утврдените патеки се претопени во магичниот амбиент на островот и лесно може да ја изгубите ориентацијата зашто погледот во секој момент го привлекува некој интересен детал.
„Заради исклучитечно ретките интервенции од човечка рака, шумата, главно од фоја, но и од стотици други растителни видови, си го тера својот циклус. Таквиот живот на островот има своја динамика, драма и убавини. Не ретко ќе сретнете паднати дрвја кои со години се прекриваат со мов и добиваат форми на уметнички скулптури. Вистинска галерија на уметноста на природата.

Змиите и желките се првите кои ви доаѓаат на памет кога ќе помислите на островот Голем Град или Змискиот остров. Но, откако ќе го посетите, ќе сфатите дека тоа веќе не е така. Сега доминираат птицитте. Кормораните, пеликаните, чапјите и галебите.

Тие ве пречекуваат и испраќаат на заминување. Змиите веќе одамна ги нема во таков број каков што се памети од некогаш, а желките, дали заради периодот на денот кога бевме на островот, не беа во толкав број како што се раскажува.
Заминавме со силни впечатоци и слики што ќе останат длабоко врежани во нашите сеќавања. Тоа е нашиот остров Голем град, музеј на природата на отворено, што му го подаруваме на светот на Светскиот ден на животната средина.
