Вучиќ се пожали дека против него се води „брутална кампања“ во Црна Гора, откако денеска во Тиват учествуваше на самитот на лидерите на Европската Унија и Западен Балкан, посветен на заедничкиот просперитет, стабилноста и проширувањето на ЕУ.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека во Црна Гора не гледа ништо ново кога станува збор за политичките тензии меѓу Подгорица и Белград. Според него, во такви ситуации секоја страна обично ја обвинува другата, а потребно било повеќе рационалност.
На самитот во Тиват, Вучиќ рече дека претходно разговарал со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за подобрување на соработката меѓу Србија и Грција, за изградба на гасовод низ територијата на Северна Македонија и за европскиот пат на Србија. Тој најави и средби со холандскиот и ирскиот премиер, како и со Урсула фон дер Лајен, Фридрих Мерц и Антонио Кошта.
На прашањата поврзани со неговата безбедност во Црна Гора, Вучиќ одговори дека не гледа „никакви големи вести“ и дека се чувствува безбедно. Но, зборувајќи за натписите и графитите што се појавиле во Црна Гора, тој директно оцени дека против него се води силна политичка кампања.
„Тие водат брутална кампања против мене во Црна Гора, брутална. Кога спроведувате таков тип кампања, ја дестабилизирате Црна Гора, тогаш тоа е сосема логично“, изјави Вучиќ.
Тој додаде дека го пречекале со пораката „Бог да ви помогне, господине Вучиќ“, оценувајќи дека и тоа е политика. Вучиќ нагласи дека има професионално обезбедување и дека не верува оти може да има проблеми.
