Судењето за „Пулс“ продолжи со докази за обдукциите и повредените

Во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето против 13 полициски службеници обвинети за тешки дела против општата сигурност, поврзани со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. На денешното рочиште се изведуваа материјални докази.

Пред судот бил презентиран писмен извештај од Институтот за судска медицина за обдукцијата на жртвите во пожарот. Станува збор за истиот извештај што претходно беше презентиран и во главниот предмет за пожарот, кој се води во судницата во Идризово.

Според извештајот, смртта на 59 жртви е насилна и во најголем дел настапила како последица на труење со јаглероден моноксид. Кај дел од жртвите било констатирано дека смртта настапила од задушување поради притисок врз градниот кош или поради недостиг на воздух и кислород во околината. Четири лица починале во болница.

Обвинителството презентирало и медицинска документација за повредените кои побарале лекарска помош по пожарот. Во судницата биле изведени вештачења за 157 лица со тешки телесни повреди, како и документација за оштетени лица со телесни повреди.

Обвинетите полициски службеници претходно се изјаснија дека не се виновни. Предметот го води судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска, а обвинението го застапува обвинителката Спасенка Андонова од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Во воведното излагање, Обвинителството наведе дека во истрагата биле обезбедени материјални и вербални докази, врз основа на кои е опишано постапувањето на обвинетите во периодот од 14 до 16 март 2025 година. Обвинителството тврди дека полициските службеници кои биле во „Пулс“ не презеле мерки за да се спречи употребата на пиротехнички средства, иако, според обвинението, можеле да ги забележат на сцената.

Одбраната, пак, тврди дека полициските службеници на критичниот ден биле кратко присутни во објектот, дека постапувале според планот за акциска контрола и дека не знаеле, ниту можеле да знаат дека ќе се користи пиротехника која ќе предизвика пожар.

Судењето против 13-те полицајци е дел од пошироката судска разврска за трагедијата во „Пулс“. Предметот се однесува на нивното постапување пред и за време на контролите поврзани со објектот, како и на прашањето дали службените лица можеле да спречат ризици што подоцна доведоа до една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.

Најчитано