Во Барселона се издаваат балкони со поглед на Папата за 1600 евра

Папата

Жителите на делови од Барселона почнаа да издаваат балкони и тераси со поглед на рутата што ќе ја помине папата Лав XIV на 10 јуни, а цените за изнајмување достигнуваат и до 1.600 евра, објавуваат шпанските медиуми.

Огласите објавени на онлајн платформи нудат привремен пристап до приватни балкони во близина на базиликата Саграда Фамилија, од каде што посетителите ќе можат да ја следат посетата на Папата и поминувањето на Папамобилот.

Најскапите понуди предвидуваат изнајмување на комплетен простор за до осум лица по цена од 1.600 евра, со дополнителни бенефиции како што се освежување, вино, користење на тоалет и простор за седење.

Поединечните седишта се продаваат по цени од околу 250 евра, додека другите понуди се движат помеѓу 350 и 1.200 евра, објавува RTVE.

Повеќето од огласите се однесуваат на станови во областа Еишампле, во непосредна близина на црквата, каде што се очекува голем број верници и туристи за време на посетата на Папата.

Изнајмувањето обично трае помеѓу два и три часа, а некои сопственици нудат можност за резервација на целиот балкон или поединечни седишта. Во некои случаи, потребна е авансна уплата од 50 проценти од вкупната цена.

Медиумите ги предупредуваат граѓаните за можноста за измама за време на ваквите неформални договори меѓу приватни лица, препорачувајќи проверка на идентитетот на огласувачот и претпазливост при вршење на авансни плаќања.

Градските власти на Барселона најавија воспоставување безбедносна зона од девет градски блокови околу базиликата за време на посетата на папата Лав XIV, со пристап само за жители, акредитирани новинари и лица со посебно овластување.

Папата Лав XIV ќе пристигне денес во повеќедневна посета на Шпанија, за време на која ќе ги посети прифатните центри за мигранти, ќе се обрати пред шпанскиот парламент и ќе ја посети базиликата Саграда Фамилија во Барселона. Се очекува тој да се сретне и со жртвите на сексуална злоупотреба во Католичката црква.

Посетата, која ќе трае до 12 јуни, доаѓа на покана на шпанскиот премиер Педро Санчез, кој јавно ги поддржа ставовите на папата за мирот и миграцијата во неколку наврати.

Санчез претходно го бранеше поглаварот на Римокатоличката црква од критиките на американскиот претседател Доналд Трамп, велејќи дека „додека некои сеат војни, Лав XIV шири мир“.

Во последните недели, папата постојано предупредуваше за последиците од воените конфликти и ја критикуваше употребата на религиозен јазик за оправдување на воените интервенции.

Најчитано