Богатата и повеќедневна програма на годинашните 63. Рацинови средби продолжува утре (7 јуни) со акција за крводарување насловена „Ти подарувам бесмртност“ што ја организира Општинскиот Црвен крст Велес во соработка со Институтот за трансфузиона медицина од Скопје и Општина Велес од 9 до 15 часот во Ликовниот салон.
Програмата почна на 31 мај со атлетската трка „Трчаме за Рацин“.
Во понеделник (8 јуни) во дворот на Гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес во 10 часот ќе се одржи поетско читање, а потоа ќе бидат засадени млади дрвца.
Во рамките на програмата ќе се одржи и ултрамаратон од Велес до Лопушник, на кој ултрамаратонците од Велес ќе тргнат на 10 јуни. Потоа претставници на Општина Велес и на здружение од Кичево на 13 јуни – денот на погибјата на Кочо Рацин ќе го посетат спомен обележјето во негова чест на планината Лопушник кај Кичево и ќе ги пречекаат ултрамаратонците.
На меѓунардниот поетски митинг на 15 јуни на свеченото отворање ќе настапат поети од Македонија и други земји, а ќе се одржат и два концерти на 15 и 16 јуни.
Рациновите средби оваа година ќе бидат заокружени со свеченото отворање на 15 јуни кога ќе биде доделено Рациновото прзанание за 2026 и Почесното Рациново признание за 2026 на 16 јуни на полскиот лингвист и македонист проф д-р Маќеј Кавка.
Одлуката полскиот лингвист, славист и македонист, проф. д-р хаб. Маќеј Кафка да биде добитник на Почесното Рациново признание за 2026 година, ја донесе организацискиот одбор на 63. Рацинови средби во чиј состав се градоначалникот Марко Колев како претседател на одборот, проф.д-р Весна Чипишевска Мојсова, проф. д-р Кристина Николовска, Менка Андреева и Снежана Бошевска.
Престижната награда Кавка ја добива за својот 50 годишен придонес во развојот и афирмацијата на македонскиот јазик и полско-македонските научни врски. Автор е на бројни трудови посветени на македонскиот јазик, македонската литература и македонската култура.
Годинава, Рациновите средби добија поддршка од Министерството за култура и туризам од 612 илјади денари и од Општина Велес од 600 илјади денари, односно вкупно 1 милион и 212 илјади денари.
