СДСМ ја обвини Владата дека најавата за инвестиции од 10 милијарди евра во инфраструктурни проекти во наредните десет години претставува „нова должничка замка“ за граѓаните, а не вистинска развојна стратегија за државата.
Од опозициската партија велат дека Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски веќе го зголемила јавниот долг за повеќе од 2,3 милијарди евра за нешто повеќе од две години.
„Ако се реализира и дел од овие најави, долгот ќе надмине 12 до 13 милијарди евра само нов долг. Тоа значи повисоки камати, поскапо задолжување и помалку пари за плати, пензии и јавни услуги“, наведуваат од СДСМ.
Партијата оценува дека предвидените инфраструктурни проекти не нудат доволен развоен потенцијал, посочувајќи дека според најавите треба да се изградат 57 километри автопат во период од десет години.
„Тоа значи 5,7 километри годишно, што е крајно недоволно за сериозен економски раст и подобра поврзаност на земјата“, соопшти СДСМ.
Оттаму предупредуваат и на, како што велат, недостиг од јасно дефинирани извори на финансирање на проектите.
Според СДСМ, европските фондови се блокирани поради отсуство на реформи, буџетските средства се ограничени, а странските инвестиции бележат пад.
„Единствената преостаната опција е ново задолжување, што значи уште поголем товар за граѓаните“, наведуваат од партијата.
Од СДСМ ја повикаа Владата наместо на, како што велат, пропагандни најави без финансиска и институционална подлога, да се фокусира на економски политики што ќе го забрзаат европскиот пат на државата и ќе ја подобрат деловната клима.
„Резултатот од ваквите политики ќе биде уште поголем јавен долг, послаб економски раст и долгорочно послаб животен стандард за граѓаните“, се наведува во партиското соопштение.
