На 13 јуни на Викендот на гордоста, со почеток во 21:00 часот во Младинскиот културен центар – Скопје, ќе се изведе технобурлеската „Крадци на слики“ (Technoburlesque – Image Snatchers) на словенечкиот колектив The Feminalz, реализирана со локална поддршка од Бучкуруж и копрограмирана заедно со ЛОКОМОТИВА – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата.
Колективот The Feminalz започнува да ја создава технобурлеската „Крадци на слики“ во 2013 година, воспоставувајќи се како ретко и доследно присуство на словенечката современа сцена за перформативни уметности, посветено на истражување и развој на бурлеската и кабарето. Преку живописен мозаик од изведувачки вињети, обележани со апропријација, рециклирање и поп-културни референци, колективот ги поместува границите на бурлеската кон доменот на „театарот на непријатноста“.
Нивната работа почива на хумор, динамична енергија и афинитет кон бизарното и спектакуларното, внимателно избегнувајќи ги претензиите за „висока уметност“ во корист на порадикална, ослободувачка визија за здраво и слободно општество. Преку оваа практика, The Feminalz постепено ги еродираат вкоренетите општествени норми, враќајќи бескомпромисна храброст во словенечкиот културен простор.
„Крадци на слики“ критички се занимава со националниот идентитет, мачизмот, политичкиот популизам, родовите стереотипи и медиумската мелодрама, грабнувајќи ги и прогресивно изобличувајќи ги доминантните слики за да упати смела критика кон лицемерието вкоренето во нормативните категории како „женско“, „машко“, „наше“ и „нивно“.
Автори и изведувачи на делото се членовите на The Feminalz: Crucial Pink, Mad Jakale, Tristan Bargeld, H. P. D. (hormonal perturbator in decay), Dee Dee Void, GlitterAid, Gospod Magdalenca и Broj Ena. Костимографијата ја потпишуваат Уршка Рецер, Тања Паѓан/Kiss the Future и Андреја Ковач, шминката и фризурата се дело на Тина Прпар, музичкиот избор и оригиналните композиции се на Лука Принчич и The Feminalz, а дизајнот на светло е на Јанко Овен. Продукцијата е на Emanat, со финансиска поддршка од Министерството за култура на Република Словенија и градот Љубљана.
Локалната поддршка на настанот ја обезбедува Бучкуруж – простор за културно-уметнички израз и историска и спекулативна археологија на родовата трансгресија, со особен фокус на лезбејската*, транс* и родово флуидната заедница. Преку архивирање, културна продукција и заедничко создавање, Бучкуруж отвора простор за преиспитување на идентитетските структури и колективната меморија. Зад иницијативата стојат Душица Лазова и Благица Петрова, кои активно соработуваат со локални уметници, дрег изведувачи и пошироката квир заедница.
Со оваа изведба, Викендот на гордоста Скопје 2026 продолжува да ја афирмира квир уметноста како простор на критичка интервенција, политички отпор и радикална имагинација, отворајќи сценски форми што ги преиспитуваат општествените, културните и телесните норми.
Овогодишното издание на Фестивалот за квир уметност, култура и теорија – Викенд на гордоста – Скопје, со тематската поставка „Анархични тела: согласност да не се биде едно“ предлага квир искуството да се мисли преку концептот на анархичното тело, како начин да се изместат доминантните логики на суверенитет, автономија и индивидуализација што продолжуваат да ги обликуваат не само нашите политички имагинации туку и нашето телесно искуство. Повеќе за тематската поставка АНАРХИЧНИ ТЕЛА можете да прочитате ТУКА.
Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2026“ е организиран од Коалиција МАРГИНИ – Скопје, во соработка со ЛГБТИ Центарот за поддршка. Фестивалот е поддржан во рамки проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд; Како и Фондацијата Хајнрих Бол, Фондацијата Фридрих Еберт Скопје, Фондацијата Kvinna till Kvinna, International Trans Fund, Global Fund for Women, и IPPF. Содржината/изразените мислења во овој текст никогаш не можат да се толкуваат како ставови на донаторите.
Партнери на овогодинешното издание на Фестивалот се: Локомотива – Центар за нова иницијатива за уметност и култура, Контрапункт и КРИК – Фестивал за критичка култура и ТрансФормА. Медимски партнер е феминистичката платформа Медуза.
