Турски организации реагираат: Ниту еден проект на турската заедница не доби поддршка од Министерството за односи меѓу заедниците

Министерството за односи меѓу заедниците

Претставници на турската заедница изразија незадоволство и загриженост поради тоа што ниту една турска граѓанска организација не добила финансиска поддршка во рамки на годинешната програма на Министерството за односи меѓу заедниците за финансирање здруженија и фондации.

Според реакцијата, од вкупно 17 милиони денари распределени за 36 проекти, ниту еден не бил наменет за организации или активности поврзани со турската заедница во државата.

Од таму оценуваат дека ваквата распределба отвора сериозни прашања за принципите на еднаква застапеност и рамноправен пристап до јавните средства, особено имајќи го предвид мултиетничкиот карактер на државата.

„Целосното изоставување на турската заедница е неприфатливо и остава впечаток дека нејзините потреби и барања не се третираат со потребното внимание“, се наведува во реакцијата.

Тие потсетуваат дека основната мисија на Министерството за односи меѓу заедниците е унапредување на дијалогот, соработката и довербата меѓу сите етнички заедници, оценувајќи дека ваквите практики можат да ја нарушат довербата во институциите и принципот на еднаквост.

Од турските организации бараат Министерството транспарентно да ја информира јавноста за критериумите и постапката според кои биле избрани проектите и распределени средствата.

Воедно, тие упатија повик до сите избрани и именувани претставници кои ги застапуваат интересите на турската заедница активно да се вклучат во решавањето на овој проблем и да не останат неми пред, како што наведуваат, неправедниот третман.

Во реакцијата се бара и вклучување на надлежните институции. До Државната комисија за спречување на корупцијата, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Народниот правобранител е упатен повик да ги преиспитаат одлуките и постапките на Министерството и да утврдат дали при распределбата на средствата биле почитувани принципите на законитост, еднаквост и недискриминација.

„Турската заедница, како рамноправен дел од општеството, бара правда, еднаков третман и почитување. Исполнувањето на овие принципи е од суштинско значење за зајакнување на општествената кохезија и довербата во институциите“, се наведува во соопштението.

Од Министерството за односи меѓу заедниците засега нема официјална реакција на овие обвинувања.

Најчитано