Филипче: Европа не ни го загрозува македонскиот идентитет, тоа е најголемата лага на Мицкоски

Европа не ни го загрозува македонскиот идентитет, тоа е најголемата лага на Мицкоски, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес – конференција.  Филипче посочи дека власта намерно го претставува европскиот пат како закана за идентитетот со цел да ги исплаши граѓаните, а единстената закана е Мицкоски.

„Се претставува европскиот пат како некое загрозување на нашиот идентитет, со што луѓето се исплашени, се користи истата приказна со која настапија на изборите 2024 година, дека се тоа големите патриоти кои што ќе го бранат идентитетот и дека Европа е таа која што го загрозува. Ништо не е загрозено на патот кон Европа. Ниту може да биде. Ниту пак може некој да ни го загрози идентитетот или јазикот. Тоа е само една голема лага. Исто како што Христијан Мицкоски дојде на власт, и ништо друго”, рече Филипче.

Тој додаде дека антиевропскиот наратив на Мицкоски е во директна спротивност со основните постулати на Европската Унија. 

„Во основните постулати политички на Европската Унија стои дека се почитува сечија различност, идентитет и јазик, што го потврдува и претседателката Гордана Силјановска, практично премиерот во вчерашниот говор пушта многу контрадикторни пораки. Го потврдува истиот наратив, истата негова демагогија, игра на емоцијата на луѓето, ги заплашува.Додека во Брисел зборува за реформи, тука на луѓето им кажува дека тоа е предавство и дека тоа е ризик за нашиот национален идентитет. Тоа не е вистина”, рече Филипче.

Притоа, Филипче посочи дека и вчерашниот говор на Мицкоски беше со силна демагогија исполнета со контрадикторни пораки.

 „Со пискав говор, човекот ни кажува дека тој бил тој кој што одлучил дека ова ќе биде маратон. Тој нема право тоа да биде маратон. Маратонот сега требаше да заврши. Маратонот е почнат во 1991 година. Апелирам граѓаните да не подлегнат повторно, како пред две години, на неговиот трик. Да не потклекнат на овие националистички, популистички говори, полни со патриотизам, црвени линии, одбрана на браник на идентитет итн., затоа што единствено нешто кон што оваа лажна реторика води, е изолација и сиромаштија. Овој маратон кој што го најавува премиерот, води само кон тоа да децата ги пакуваат коферите, а луѓето да вадат бугарски пасоши. И да се спремат тука да живеат во долга деценициска сиромаштија”,  рече Филипче.

Претседателот на СДСМ порача дека иднината на Македонија е Европа, а целиот наратив на власта е лажен и погубен.

„Ние имаме право да бидеме во европското семејство, затоа што заслужуваме да бидеме таму и затоа што ништо не е загрозено на патот кон Европа,ниту може да биде, ниту пак може некој да ни го загрози, идентитетот или јазикот. Тоа е само една голема лага со цел да не се направи чекорот и да има реформи и правда тука, кај нас и конечно да се интегрираме во Европа, таму кај што ни е местото, идината, единствена е во Европа”, рече Филипче.

Најчитано