Уставниот суд ја укина одлуката на Советот на Општина Тетово од 2007 година, со која беа променети имињата на повеќе улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти во градот.
Судот утврдил дека одлуката не ја добила задолжителната согласност од Владата, поради што не била донесена во согласност со Уставот и законите.
Станува збор за одлуката со број 07-766/4, донесена на 24 април 2007 година и објавена во „Службен гласник на Општина Тетово“.
Со неа, булеварот и централниот градски плоштад „Маршал Тито“ беа преименувани во „Илирија“, улицата „ЈНА“ го доби името „Дервиш Цара“, додека улицата „29 Ноември“ беше преименувана во „Мехмет Паша Дерала“. Нови имиња добија и други улици и јавни објекти во градот.
Бидејќи одлуката не била одобрена од Владата, во изминатите 19 години во Тетово паралелно се користеа различни називи за исти улици. Општината и нејзините јавни претпријатија ги употребуваа новите имиња, додека во документите што ги издаваат државните институции останаа старите називи.
Ова создаваше проблеми во адресите запишани во личните документи, имотните листови, деловната документација и другите службени евиденции.
Иницијативата за оценување на уставноста и законитоста била поднесена во февруари 2025 година од Општинската организација на Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичката војна и граѓаните продолжувачи од Тетово.
Подносителите тврдеа дека одлуката била донесена без исполнување на законската обврска за претходна согласност од Владата. Тие оспорија и дел од називите за кои сметаа дека не биле утврдени во согласност со правилата за употреба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
Уставниот суд во март годинава поведе постапка, а на седницата одржана на 17 јуни ја укина одлуката донесена пред 19 години.
Со судската одлука престанува да важи правната основа врз која Општина Тетово ги користеше новите имиња, по што локалните власти ќе треба да ги усогласат општинските евиденции и ознаките со важечките официјални називи.
