Британската нискобуџетна авиокомпанија ЕasyJet одби понуда за преземање вредна околу 4,7 милијарди фунти од американската инвестициска компанија Castlelake, која веќе неколкупати се обиде да ја купи авиокомпанијата. Според објавените информации, станува збор за трет предлог што раководството на easyJet го одбива, оценувајќи дека понудената цена не ја одразува реалната вредност и идните перспективи на компанијата.
Castlelake понудила 625 пени по акција, што претставува значителна премија во однос на цената на акциите пред да стане јавен интересот за преземање. Сепак, од ЕasyJet соопштиле дека понудата е „опортунистичка“ и дека доаѓа во период кога вредноста на компанијата е под притисок поради нестабилноста на пазарот и геополитичките случувања.
Американската компанија, која управува со средства вредни десетици милијарди долари и има значајни инвестиции во воздухопловниот сектор, објави дека јавно ја соопштува понудата за акционерите да можат да ја разгледаат пред истекот на рокот за формална понуда.
Една од главните пречки за евентуалното преземање се европските правила според кои авиокомпаниите што работат во Европската Унија мора да бидат мнозински контролирани од европски државјани. Поради тоа Castlelake предложила посебна сопственичка структура со европски партнери за да ги исполни регулаторните услови.
Аналитичарите оценуваат дека ЕasyJet останува привлечна цел за инвеститорите поради својата широка мрежа на линии, вредните аеродромски слотови и силната позиција на европскиот пазар на нискобуџетни летови.
