Жичницата на Водно останува затворена, нема рок за завршување на сервисот

Жичницата од Средно Водно до Милениумскиот крст и натаму е надвор од функција, а ЈСП „Скопје“ сè уште не може да соопшти кога ќе заврши сервисирањето и кога повторно ќе почне да превезува патници.

Од претпријатието велат дека во тек се законските постапки за реализација на сервисот и дека сите активности се спроведуваат во согласност со важечките прописи и техничките стандарди. Конечната цена на зафатот и начинот на обезбедување на парите ќе бидат познати по завршувањето на постапката.

Жичницата беше затворена на 25 април, првично со најава дека нема да работи само два дена поради технички проверки. По контролата на екипата од австрискиот производител „Допелмаер“, сепак, било одлучено таа да остане затворена до целосно отстранување на утврдените недостатоци.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, претходно изјави дека при увидот биле откриени сериозни технички проблеми, меѓу кои истрошени делови и неисправни сензори. Според него, жичницата не била целосно сервисирана од производителот во изминатите 15 години, поради што нејзиното пуштање без претходна интервенција би претставувало безбедносен ризик.

Додека трае застојот, скопјани и туристите до Средно Водно и Милениумскиот крст можат да стигнат преку постојните пристапни патишта. ЈСП засега не соопштува ниту конкретен рок за почеток и завршување на работите, ниту колку ќе чини целосното оспособување на системот.

Жичницата е пуштена во употреба во јуни 2011 година, а нејзината изградба чинеше 6,7 милиони евра. Таа располага со 28 кабини со капацитет за по осум патници и две ВИП-кабини.

Најчитано