За 30 отсто поскапи вињети од 1 август во Бугарија

Цените на електронските вињети во Бугарија се предвидува да се зголемат за 30 отсто од 1 август 2026 година, што директно ќе ги погоди и македонските граѓани кои патуваат кон Софија, Банско, бугарското Црноморје или транзитираат низ земјата.

Поскапувањето е содржано во нацрт-уредба за измена на тарифата за користење на бугарската патна мрежа, која Министерството за регионален развој ја објавило на јавна расправа. Тоа значи дека новите цени сè уште се предложени и треба официјално да бидат усвоени пред да стапат во сила.

Според предлогот, неделната вињета, која најчесто ја купуваат туристите, ќе поскапи од 7,67 на 10 евра. Еднодневната ќе чини 5,30 евра наместо сегашните 4,09 евра, додека викенд-вињетата ќе се зголеми од 5,11 на 6,60 евра.

Месечната вињета ќе поскапи од 15,34 на 19,90 евра, кварталната од 27,61 на 35,90 евра, а годишната од 49,60 на 64,50 евра. Новите цени ќе важат за возила со вкупна тежина до 3,5 тони и за камп-возила од категоријата М1.

Планирано е да поскапи и компензаторната такса за возење без важечка вињета. Таа треба да се зголеми од 35,79 на 46,50 евра.

Бугарските власти очекуваат зголемувањето на цените да донесе дополнителни приходи од над 20 милиони евра во 2026 година и повеќе од 48 милиони евра годишно во следниот период. Парите се планирани за поправка и рехабилитација на патишта, нова сигнализација, осветлување на ризични делници и модернизација на системот за наплата.

Зголемувањето од 30 отсто е вклучено и во ажурираната среднорочна буџетска прогноза на бугарското Министерство за финансии, според која мерката треба да стапи во сила на 1 август.

Најчитано