Скандалозно во 21 век: Полова сегрегација на градскиот базен во Тетово

Градскиот базен во Тетово воведе посебни термини во кои влезот им е дозволен само на жени и девојки, додека мажите не смеат да го користат јавниот спортски објект. Одлуката, која Општина Тетово ја оправдува со барања да нема „мешање со мажи“, отвора сериозни прашања за половата сегрегација, еднаквиот пристап и начинот на кој локалната власт управува со јавен простор изграден со пари на граѓаните.

Според објавениот распоред, секоја среда и сабота, од 8:30 до 12 часот, базенот е резервиран исклучиво за жени и девојки. Во тој период на мажите не им е дозволено да пливаат или да го користат објектот.

Назми Даути, раководител на Секторот за јавни дејности во Општина Тетово, изјавил дека одлуката била донесена по барање на граѓанки кои не сакале да го делат базенот со мажи.

„Тие термини се предвидени базенот да го користат само жени и девојки бидејќи не сакале да има мешање со мажи на базенот. Тоа е направено според барање на граѓаните, односно граѓанките од Тетово“, изјавил Даути.

Ваквото образложение е особено проблематично за јавна институција во 21 век. Личните, верските или традиционалните убедувања на дел од посетителите не смеат автоматски да се претворат во правило според кое една група граѓани ќе биде исклучена од користење јавен објект само поради полот.

Законот за спречување и заштита од дискриминација важи и за општините, спортот и пристапот до добра и услуги. Во него полот е наведен како заштитена основа, а сегрегацијата е дефинирана како физичко одделување на лице или група врз дискриминаторска основа без легитимна и објективно оправдана цел.

Законот дозволува посебни мерки за постигнување фактичка еднаквост, но само доколку тие се објективно оправдани, неопходни, пропорционални и временски ограничени. Објаснувањето дека дел од корисничките „не сакале да се мешаат со мажи“ само по себе не дава одговор дали Општината направила правна анализа, дали утврдила реална нееднаквост и зошто забраната за мажи била единственото можно решение.

За одлуката засега нема реакција од Советот на Општина Тетово, каде мнозинството го сочинуваат советниците од коалицијата Вреди и ВМРО-ДПМНЕ.

Градскиот базен е покриен јавен објект чија изградба започна во 2020 година со средства од тогашното Министерство за млади и спорт. Тој беше дел од државниот проект за изградба на 14 базени во повеќе градови, што дополнително ја нагласува обврската пристапот до него да биде организиран транспарентно и еднакво.

Обезбедувањето простор во кој жените ќе се чувствуваат безбедно и ќе можат слободно да спортуваат е легитимна цел. Но решението не може да биде некритичко прифаќање на поделбата на мажи и жени, без јавна расправа, правно образложение и јасни критериуми.

Јавниот базен треба да биде место за спорт, рекреација и заедништво, а не простор во кој локалната власт ќе ги дели граѓаните според полот. За ваквата одлука треба да се произнесат Советот на Општина Тетово и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Најчитано