Данска денес го забележа најтоплиот ден откако започнаа официјалните метеоролошки мерења во земјата, при што температурите достигнаа 36,6 степени Целзиусови поради интензивниот топлотен бран што зафати голем дел од Европа, објави Данскиот метеоролошки институт (DMI).
Институтот соопшти дека температурата е измерена северно од градот Оденсе, со што е соборен претходниот апсолутен рекорд од 36,4 степени Целзиусови, забележан во Холстебро на 10 август 1975 година.
„Апсолутниот рекорд за температура е исто така срушен“, објави DMI на X, истакнувајќи дека новиот рекорд е поставен иако денот сè уште не е завршен.
Претходно денес, DMI потврди дека Данска веќе го забележала својот најтоплиот јунски ден откако започнале да се водат евиденции во 1874 година, откако температурите достигнале 35,8 степени Целзиусови, надминувајќи го претходниот јунски рекорд од 35,5 степени, поставен во Хилерод во 1947 година.
Рекордни температури се измерени на аеродромот ХЦ Андерсен северно од Оденсе, објави данската телевизија ДР њуз.
Топлинскиот бран ја донесе и најтоплата јунска ноќ во историјата на земјата. На островот Фано, температурата не падна под 22,7 степени Целзиусови, што се смета за тропска ноќ, односно ноќ во која температурата останува над 20 степени.
