Стојанче Ангелов ќе набавувал уште три Ер трактори, а пилоти ни за лек

Ер трактори повторно се во центарот на македонската противпожарна приказна, откако Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување, во гостување во „Топ тема“ на Телма изјави дека негова цел е набавка на уште три авиони за гаснење пожари, меѓу кои и еден двосед за обука. Но, зад оваа амбиција стои очигледен парадокс: државата зборува за нови авиони, додека со години се соочува со недостиг од пилоти кои треба да управуваат со нив.

Ангелов во интервјуто посочи дека со приемот на пензионираниот полковник Малезански и со ангажманот на Васко Михалчов, еден од пензионираните пилоти, ДЗС добива основа самостојно да врши обука во наредниот период. Тој најави и дека е договорен прием на уште двајца пилоти, кои треба да бидат примени откако Министерството за финансии ќе даде согласност.

Но, токму тука се отвора главното прашање: ако новите пилоти допрва треба да се примат, а обуките се најавуваат за октомври и ноември, кој ќе ги лета сегашните и евентуално новите авиони во најризичниот дел од летото? Ангелов самиот ги повика сите пилоти со над 400 часови налет на било кој тип авион да дојдат на разговор, што покажува дека проблемот со кадарот не е затворен, туку сè уште се решава во движење.

Проблемот не е нов. Дел од медиумите меѓу кои и Рацин.мк во 2024 година објавија дека Северна Македонија има три „Ер трактори“, но само еден активен пилот, поради што авионите не смееле да летаат. Тогаш беше алармирано дека летото се дочекува со функционални летала, но без доволно луѓе што можат да ги управуваат. Две години подоцна, истата слабост повторно се појавува во јавната дебата.

Парадоксот е уште поголем затоа што пожарите веќе не чекаат институционална логика. Во ист ден кога Ангелов зборуваше за нови „Ер трактори“, на терен гореа пожари во Штипско и Пробиштипско, беше опожарена куќа во Бучиште, а на гаснењето учествуваа пожарникари, доброволци, месно население и воздухоплови на ДЗС. Тоа е реалноста во која секој авион е важен, но уште поважен е човекот што треба да го крене во воздух.

Затоа набавката на нови летала не може да биде цел сама за себе. Ако државата нема стабилен систем за обука, задржување и плаќање на пилоти, секој нов „Ер трактор“ ризикува да стане скапа машина што ќе стои на земја во момент кога пожарите се шират по ридови, села и шуми. Во противпожарната авијација бројот на авиони звучи добро на прес-конференција, но бројот на пилоти ја решава битката со огнот.

Најчитано