СДСМ: Со Љутков и ВМРО – ДПМНЕ македонската книжевност станува невидлива пред светот

ФОТО: ФБ Комисија за култура на СДСМ

Македонската книжевност станува невидлива пред светот, обвинува Комисијата за култура на СДСМ, реагирајќи на состојбите во Министерството за култура и туризам, предводено од министерот Љутков и ВМРО-ДПМНЕ. Од Комисијата велат дека во изминатите две години се укинуваат или постепено се гасат механизмите што со години овозможувале македонската книжевност да се преведува, промовира и да стигне до читателите надвор од државата.

Според Комисијата за култура на СДСМ, наместо одговори, има неизвесност. Оттаму посочуваат дека, ако навистина конкурсот за кофинансирање преводи за странски издавачи е прекинат или повеќе не се спроведува, јавноста заслужува јасно образложение. Доколку не е укинат, Министерството мора да објасни зошто не е достапен и зошто нема информации за неговото спроведување.

Од СДСМ велат дека ова не е изолиран случај. Според нив, во последните две години културниот сектор е сведок на укинување програми, доцнења, нетранспарентност и отсуство на јасна културна политика. Наместо промоција на македонската култура во светот, како што наведуваат, јавноста добива институционален молк.

Комисијата за култура на СДСМ бара Министерството веднаш да одговори дали конкурсот за поддршка на преводи за странски издавачи е укинат, ако не е укинат кога ќе биде објавен и колку странски издавачи и македонски автори останале без можност за поддршка поради, како што оценуваат, оваа неодговорност.

Од Комисијата предупредуваат дека македонската култура не смее да стане невидлива. Секој изгубен превод, според нив, е изгубена можност светот да ја запознае македонската литература. За ова, порачуваат од СДСМ, некој мора да понесе одговорност.

Најчитано