Античкиот театар, „Света Софија“, Долни Сарај и охридските улици повторно ќе станат голема сцена. На 12 јули започнува 66. издание на „Охридско лето“, кое во наредните 40 дена во градот ќе донесе повеќе од 700 уметници од 24 земји.
Охрид влегува во една од најважните недели од летната сезона. Туристичката раздвиженост веќе се чувствува, последните подготовки на фестивалските сцени се во тек, а на 12 јули, со свечено отворање во Античкиот театар, градот повторно ќе стане центар на македонскиот и регионалниот културен живот.
Годинашното, 66. издание на фестивалот „Охридско лето“ ќе започне во 21 часот со гала-концертот „Љубов“, вечер замислена како спој на светската оперска сцена и монументалниот амбиент на Античкиот театар.
Пред публиката ќе настапат светски познатата сопранистка Ермонела Јахо од Албанија и американскиот тенор Чарлс Кастроново. Со оркестарот на Националната опера и балет ќе диригира италијанскиот маестро Марко Боеми.
Од 12 јули до 20 август, „Охридско лето“ ќе понуди 48 музички, театарски, балетски и џез-настани. На фестивалските сцени ќе се појават повеќе од 700 уметници од 24 земји, со што Охрид во најинтензивниот дел од туристичката сезона повторно ќе стане место на средба меѓу различни култури, јазици и уметнички традиции.
Настаните ќе се одржуваат во Античкиот театар, црквата „Света Софија“ и нејзиното предворје, Центарот за култура „Григор Прличев“ и на сцената Долни Сарај.
Уште во првите денови по отворањето следува исклучително густа програма. На 13 јули е закажана премиерата на претставата „Татко“ од Флоријан Зелер, во режија на Иван Поповски, а еден ден подоцна во „Света Софија“ ќе настапи познатиот пијанист Александер Мелников.
На 15 јули публиката ќе може да го проследи настапот на симфонискиот оркестар „Нингбо“ од Кина на Долни Сарај, како и премиерата на Шекспировиот „Кориолан“ во предворјето на „Света Софија“.
Во текот на првата фестивалска недела се најавени и настапот на италијанското „Кимера трио“, балетот „Митот за Амазонките“, концертот на Ана и Игор Дурловски со оркестарот „Ајга“ и театарската претстава „Која е Лорет?“.
Меѓу најавените уметници на годинешното издание се виолинистот Стефан Миленковиќ, пијанистите Исата Кане-Мејсон и Вадим Холоденко, како и камерни ансамбли и оркестри од Европа и светот.
Во Охрид ќе гостува и Загрепската филхармонија со 70 изведувачи, а фестивалот првпат ќе биде домаќин на два меѓународни симфониски оркестри.
Посебен простор годинава добива џез-програмата „OH JAZZ“, која од 13 до 16 август ќе донесе четири концертни вечери со домашни и странски музичари. Меѓу најавените имиња се британската џез-ѕвезда Нубаја Гарсија, Петер Сомуа и Националниот џез-оркестар на Македонија.
Фестивалот ќе одбележи и два значајни јубилеја – 100 години од раѓањето на македонската оперска дива Ана Липша Тофовиќ и 60 години од основањето на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Почетокот на „Охридско лето“ не значи само отворање на фестивалските сцени. Тој традиционално се совпаѓа со периодот кога градот влегува во најголемиот туристички притисок, со зголемен број посетители, густ сообраќај и поголемо оптоварување на комуналните и јавните служби.
Од 1 јули во Охрид е воведена забрана за изведување градежни работи во поширокото централно и туристичко подрачје, која ќе важи до 31 август. Истовремено, на делови од улиците „Кеј Македонија“ и „Ванчо Николески“ се применува нов времен режим на сообраќај, со дополнителни пешачки и велосипедски зони.
Овие мерки треба да овозможат помирно функционирање на градот во текот на летото, но вистинскиот тест започнува токму сега. Охрид ќе треба истовремено да биде туристички центар, фестивалска сцена, жив град за своите жители и заштитено културно и природно наследство.
Минатогодишното издание на фестивалот, според раководството на „Охридско лето“, имало рекордна посетеност и најголема продажба на билети во последната деценија. Очекувањата и годинава се високи.
Посебноста на „Охридско лето“ никогаш не била само во имињата запишани во програмата. Таа е во спојот меѓу уметноста и просторот – оперски глас под ѕвездите на Античкиот театар, камерна музика во акустиката на „Света Софија“ и театар во дворовите на стариот град.
Од недела, Охрид повторно нема да биде само домаќин на фестивалот. Градот, неговите камени улици, цркви, плоштади и езерски хоризонти ќе станат дел од сценографијата.
Со првите звуци на гала-концертот „Љубов“ ќе започне периодот во кој Охрид живее најинтензивно – меѓу масовниот туризам и високата уметност, меѓу секојдневниот летен метеж и моментите на тишина пред да започне претставата
