Уставниот суд упати остар апел до политичките партии да престанат да ја користат институцијата за дневнополитички пресметки и да се воздржат од политички притисоци и дискредитации насочени кон нејзината работа. Реакцијата доаѓа по јавните политички полемики поврзани со неодамнешните активности и одлуки на Судот.
Во соопштението, Судот оценува дека во изминатиот период имало обиди за груба партизација и политизација на неговото работење, при што меѓународните активности и институционалната соработка биле ставени во дневнополитички контекст со цел, како што наведува, стекнување политички поени.
Од Уставниот суд нагласуваат дека меѓународната соработка претставува една од неговите стратешки определби и потсетуваат дека годинава се потпишани меморандуми за соработка со уставните судови на Косово, Египет и Србија, како и дека Судот претседава со Балканскиот форум на уставни судови.
Во пораката до политичките чинители, Судот истакнува дека нема да подлегне на политички влијанија и притисоци и повикува на поголема уставна и политичка култура. Истовремено оценува дека се недозволени квалификациите дека неговите одлуки се „неуставни“ или „незаконски“, потсетувајќи дека согласно член 112 од Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни, извршни и задолжителни за сите.
Судот воедно апелира политичките разлики да не се водат преку институциите кои се задолжени да го штитат уставниот поредок и владеењето на правото, оценувајќи дека независноста и кредибилитетот на Уставниот суд се вредности што треба да бидат заеднички интерес на сите општествени чинители.
