Германија бележи нагло зголемување на бројот на барања за ослободување од воена служба од почетокот на годината, објави денес Федералната канцеларија за семејни и граѓански прашања во Берлин. „Во првите шест месеци од оваа година примивме 5.862 барања, што е многу повеќе од минатата година, кога беа примени вкупно 3.879 барања“, се вели во соопштението на Федералната канцеларија за семејни и граѓански прашања.
Претходната година, во 2024 година, беа регистрирани 2.249 барања. Ненадејното зголемување на барањата за ослободување од воена служба се поврзува со стапувањето во сила на новиот закон за воена евиденција на почетокот на оваа година. Овој закон предвидува регистрација на сите мажи од една генерација, кои мора да се изјаснат дали се подготвени за воена служба.
Во случај на овој начин да не се собере доволен број регрути, Бундестагот би можел да активира мерки со кои би се достигнал бројот на војници што му се потребни на Бундесверот. Засега овие мерки не се дефинирани. Се претпоставува дека зголемениот број барања е поврзан со зголемената опасност од војна во Европа по руската агресија врз Украина.
Според германскиот устав, никој не може да биде принуден да служи во војска со оружје ако тоа е спротивно на неговите верувања. По руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, Германија спроведува сеопфатна програма за зајакнување на своите одбранбени капацитети, што вклучува зголемување на бројот на војници на Бундесверот. Целта на Министерството за одбрана е да го зголеми бројот на доброволни регрути на 15.000 до 20.000 годишно.
