Нападот во германско училиште се истражува како терористички чин, пронајдени текстови со екстремистичка содржина

Германските власти го истражуваат нападот во гимназијата во Шонгау како можен терористички чин, откако кај 16 годишниот осомничен се пронајдени текстови со екстремистички пораки и содржини насочени кон различни групи, вклучително и кон жените. Случајот го презеде баварската служба за борба против тероризам и екстремизам, што укажува дека истрагата повеќе не се води само како обичен кривичен случај.

Нападот се случи во гимназијата „Велфен“ во германскиот град Шонгау, каде што 16 годишен хрватски државјанин, поранешен ученик во училиштето, со нож тешко повреди две 13 годишни девојчиња. Според досегашните информации од истрагата, напаѓачот бил вооружен и со пиштол кој не успеал да го употреби, по што продолжил со нож.

Истражителите пронашле документи и текстови за кои се претпоставува дека ги напишал осомничениот. Во нив, според германските власти, имало пораки со говор на омраза кон различни општествени групи, како и содржини во кои се изразувале екстремистички ставови. Дел од медиумите објавија дека во материјалите имало и навредливи пораки кон жените, како и величање на претходни насилни напади.

Поради новите сознанија, истрагата ја презеде Централното обвинителство во Минхен, кое постапува во случаи со сомневање за екстремизам и тероризам. Осомничениот се товари за обид за убиство и нанесување тешки повреди, а надлежните продолжуваат да ги анализираат доказите за да го утврдат мотивот за нападот.

По нападот, германските власти соопштија дека осомничениот и претходно бил предмет на внимание поради закани за слично насилство. Сега истражителите проверуваат дали постоела подготвеност за нападот и дали имало други лица кои можеби биле поврзани со случајот.

Двете повредени ученички беа пренесени во болница, а училиштето по нападот беше евакуирано. Настанот предизвика голема загриженост во Баварија, додека властите најавија дека целосната слика за мотивите ќе биде позната по завршувањето на истрагата.

Најчитано