Рокас: ЕК е посветена Македонија да стане полноправна членка на ЕУ

Европската комисија останува целосно посветена Македонија да стане полноправна членка на Европската Унија, порача евроамбасадорот Михалис Рокас на седницата на Националниот совет за евроинтеграции.

„Не треба да имате никакво сомневање дека Европската комисија е целосно посветена да ја види вашата земја како полноправна членка на ЕУ“, рече Рокас, нагласувајќи дека процесот на проширување е активен и дека повеќе земји кандидати веќе ги забрзуваат пристапните преговори.

Тој посочи дека Франција и Германија се меѓу двигателите на иницијативите за забрзување на проширувањето, со паралелно исполнување на условите и постепено вклучување на кандидатите во внатрешниот европски пазар.

Според Рокас, Македонија покажала дека има институционален капацитет за спроведување реформи. Тој ја поздрави работата на Собранието, но нагласи дека владеењето на правото и целосното спроведување на европските стандарди се задолжителни услови за напредување во преговорите.

Евроамбасадорот побара кадровско и финансиско зајакнување на судството, негово ослободување од политички влијанија и широк политички консензус за реформите, особено за измените на Изборниот и Кривичниот законик.

Официјалната позиција на Европскиот совет е дека усвојувањето на договорените уставни измени останува неопходниот следен чекор за формално продолжување на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.

Рокас најави и промени во европската финансиска поддршка, посочувајќи дека досегашните ИПА-фондови во идната повеќегодишна буџетска рамка на Унијата ќе бидат надополнети или заменети со нови механизми за земјите кандидати.

Најчитано