BMW крати 8.000 работни места, додека околу 15.000 вработени во фабриката на Audi во Некарсулм стравуваат дека производствениот погон би можел да биде затворен по 2030 година. Двете најави ја откриваат длабочината на кризата во германската автомобилска индустрија, која е притисната од послабата продажба во Кина, американските царини, високите трошоци и растечката конкуренција од азиските производители.
BMW договорил програма за доброволно заминување на околу 8.000 вработени, главно во Германија. Намалувањето треба да почне во октомври 2026 година и да заврши до крајот на 2027 година.
Со кратењата ќе бидат опфатени администрацијата, менаџментот, истражувањето, развојот и планирањето. Работниците директно вклучени во производството засега нема да бидат дел од програмата.
Околу 40.000 вработени би можеле да добијат понуди за доброволно заминување со отпремнина. BMW има приближно 150.000 вработени низ светот, од кои околу 84.000 работат во Германија. Планираното намалување претставува повеќе од пет проценти од глобалната работна сила на компанијата.
Одлуката доаѓа откако BMW ја намали прогнозата за продажбата и добивката во 2026 година. Компанијата се соочува со ослабена побарувачка на кинескиот пазар, повисоки трошоци и жестока конкуренција од производителите на поевтини електрични автомобили.
Додека BMW подготвува масовни кратења, околу 6.000 работници на Audi излегоа на протест пред фабриката во Некарсулм. Тие бараат гаранции дека погонот, во кој работат околу 15.000 луѓе, нема да биде затворен по 2030 година.
Во фабриката се произведуваат моделите A5, A6, A8 и електричниот e-tron GT. Сепак, капацитетите не се доволно искористени, а раководството предупредило дека Некарсулм е меѓу германските локации чија иднина не е сигурна доколку не добијат нова производствена намена.
Меѓу можните решенија се разгледуваат соработка со одбранбената индустрија и производство на возила развиени со кинеските партнери на Volkswagen. Засега нема конечен договор што би ја гарантирал иднината на фабриката.
Затворањето би имало последици што се протегаат многу подалеку од директно вработените. Од фабриката зависат добавувачи, транспортни компании, услужни дејности и голем дел од локалната економија во регионот.
BMW и Audi не се изолирани примери. Volkswagen, Mercedes-Benz и Porsche исто така најавија намалување на работните места, намалување на трошоците или преиспитување на производствените капацитети.
Германската автомобилска индустрија сега мора истовремено да ја финансира скапата транзиција кон електрични возила, да ги одржува фабриките во Европа и да се натпреварува со кинеските компании што произведуваат побрзо и поевтино.
