Министерството за здравство наложи вонреден инспекциски надзор по случајот со 19-годишната Станка Михајлова од струмичкото село Баница, која по царски рез извршен во Клиничката болница во Штип останала со тешки невролошки последици и не може да оди.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат треба да изврши надзор во трите здравствени установи во кои била лекувана пациентката, со увид во целокупната медицинска документација и во постапувањето на здравствените работници.
Михајлова била породена со втор царски рез на 26 јуни во штипската болница. Според медицинската документација во која имал увид „Слободен печат“, таа била отпуштена со констатација дека е во добра општа состојба, иако семејството тврди дека во тој момент веќе не можела самостојно да оди.
На 4 јули пациентката со возило на итната медицинска помош била пренесена од Струмица на Клиниката за неврологија во Скопје. Во медицинскиот наод биле евидентирани слабост во двете нозе, проблеми со задржување урина и промени на ’рбетниот мозок во пределот меѓу деветтиот и единаесеттиот граден прешлен.
Министерот за здравство Сашо Клековски најави дека, покрај инспекцискиот надзор, ќе биде спроведен и стручен надзор со експерти од областа на гинекологијата, неврологијата и урологијата. Тие треба да утврдат дали при царскиот рез или во понатамошното лекување бил направен професионален пропуст што можел да доведе до здравствената состојба на пациентката.
Од Министерството нагласуваат дека пред завршувањето на инспекциската и стручната постапка не може да се утврдува одговорност. По добивањето на извештаите и целосната медицинска документација, институцијата најави дека ќе ја информира јавноста за утврдените факти и за евентуалните мерки.
Деветнаесетгодишната Михајлова е мајка на две деца, од кои помалото е родено пред нешто повеќе од еден месец. Според семејството, пред породувањето немала проблеми со движењето, а по интервенцијата завршила во инвалидска количка.
