Украинскиот претседател Володимир Зеленски е во прва официјална посета на Република Србија.
Тој синоќа слета на белградскиот аеордром а српскиот претседател Александар Вучиќ му приреди прием и вечера во Белград, со што започнаа официјалните средби на кои фокусот ќе биде ставен врз евроинтеграциите, безбедносните прашања и проширувањето на економските врски меѓу двете земји.
Посетата е изненадувачка од најмалку два аспекти, првиот е геополитички и секако фактот што Србија иако ја осуди агресијата врз Украина, сепак по никоја цена не ја следи Европа во воведувањето санкции кон Русија.
Вториот аспект е временскиот, односно посетата доаѓа во четвртата година од руската агресија но и само месеци а можеби и недели пред најавените предвремени избори во Србија.
Фабрики за дронови и муниција?
Германскиот „Франкфуртер алгемајне“ пишува дека посетата на украинскиот претседател може да отвори нова одбранбена соработка меѓу Белград и Киев и оценува дека посетата би можела да има и поширока политичка и безбедносна димензија.
Според весникот, покрај економските теми, разговорите би можеле да опфатат и соработка во одбранбената индустрија, вклучително и можност за заедничко производство на дронови во Србија. Во проектот, според наводите, би можеле да бидат вклучени и инвеститори од Обединетите Арапски Емирати.
Во текстот се потсетува и на улогата на поранешниот американски амбасадор во Србија, Кристофер Хил, кој вели дека Вашингтон во изминатите години поддржувал набавка на значителни количества српска муниција за Украина.
Хил тврди дека американската страна внимавала Србија да не извезува оружје и кон Русија, додека истовремено ја охрабрувала соработката со Украина. Според него, српската муниција преку европски посредници стигнувала до украинската армија.
Токму тој факт своевремено ја налути руската јавност, особено медиумите блиски до власта кои не штедеа навреди за Вучиќ и Србија поради извоз на муниција за Украина.
Вучиќ и двете столици
За домашната јавност во Србија пак, особено за онаа што е опозициски настроена ова е уште еден обид Вучиќ да се „продаде“ како сојузник на Западот и со тоа да продолжи да кокетира и со ЕУ и со Русија.
Историчарот Твртко Јаковина, коментирајќи ја најавена посета на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Србија, рече дека тоа ќе ја зајакне политиката на „седење на повеќе столчиња“ што ја спроведува српскиот претседател Александар Вучиќ, пренесува Н1 Србија.
Јаковина додаде и дека на овој начин Вучиќ сака да ги „стегне ногарките на двете столици на кои седи“.
