Состојбата на 28-годишниот скопјанец кој со тешка повреда на ’рбетниот мозок беше пренесен од Турција во Македонија се подобрува. Пациентот е свесен, контактибилен, дише самостојно и е надвор од животна опасност, информира директорот на ТОАРИЛУЦ, д-р Игор Мерџановски.
Од денеска момчето почнало нормално да се храни, а физиотерапевтите веќе започнале да работат со него во единицата за интензивно лекување.
„Виталните параметри се стабилни. Од денес тој почна да се храни на уста и имаме подобрување на општата состојба“, изјави Мерџановски.
Пациентот вчера имал покачена температура, но направените тестови не покажале инфекција. Според лекарите, најверојатно станува збор за реакција по транспортот и претходната операција во Турција.
Во текот на следната недела се очекува тој да биде префрлен на Одделот за трауматологија, каде физикалната терапија ќе продолжи поинтензивно, а потоа закрепнувањето треба да продолжи во специјализиран центар за рехабилитација.
Момчето се здобило со сериозна повреда за време на одмор во Кушадаси, Турција, каде било оперирано, а потоа со организиран медицински транспорт и владин авион било вратено во Македонија.
Мерџановски воедно апелираше за посебна внимателност при скокање во базени и непроверени води, предупредувајќи дека повредите на вратните пршлени и ’рбетниот мозок можат да остават трајни последици.
