Полска во 2025 година се искачи на шестото место меѓу најголемите економии во Европската Унија, со номинален бруто-домашен производ од 922,9 милијарди евра. Пред неа остануваат само Германија, Франција, Италија, Шпанија и Холандија.
Според податоците на Евростат, полската економија веќе учествува со 4,9 проценти во вкупниот БДП на ЕУ, кој минатата година достигнал околу 18,8 билиони евра. Со тоа Полска по економска големина ги надмина Белгија, Шведска, Ирска и Австрија.
Разликата со останатите економии од Централна и Источна Европа е уште поголема. Романија во 2025 година имала БДП од 380,1 милијарди евра, Чешка 347,3 милијарди, а Унгарија 218,8 милијарди евра.
Зад растот на Полска стојат повеќегодишното индустриско проширување, растот на извозот, домашната потрошувачка и инвестициите. Реалниот БДП во 2025 година пораснал за 3,6 проценти, повеќе од двојно над просечниот раст на ЕУ од 1,5 проценти.
Позитивниот тренд продолжи и годинава. Полскиот завод за статистика објави дека во првиот квартал од 2026 година економијата реално пораснала за 3,5 проценти во споредба со истиот период лани. Домашната побарувачка се зголемила за 3,7 проценти, потрошувачката на домаќинствата за 3,3 проценти, а извозот за 5,6 проценти.
Европската комисија ја вбројува Полска меѓу најбрзорастечките економии во Унијата и очекува силната динамика да продолжи во 2026 година, поттикната од приватната потрошувачка и инвестициите, вклучително и средствата од европските фондови.
Големината на економијата, сепак, не значи дека Полска веќе го достигнала животниот стандард на најбогатите членки. БДП по жител во 2025 година и натаму бил под 85 проценти од просекот на Европската Унија.
Во исто време земјата има еден од најзатегнатите пазари на труд во ЕУ. Стапката на невработеност во 2025 година се движела околу три проценти, една од најниските во Унијата, додека вработеноста кај населението од 20 до 64 години достигнала 78,8 проценти.
