Пожарите повторно се разгореа во Франција, можна нова масовна евакуација

Шумските пожари повторно се разгореа во југозападна Франција, каде екстремната жештина и силните ветрови повторно ја влошија ситуацијата по неколку дена привидно смирување. Властите се подготвуваат за нови евакуации доколку огнот продолжи да се приближува кон населените места во поширокиот регион на Бордо.

Едно од новите жаришта е регистрирано во Сен-Жан-д’Илак, западно од Бордо. Противпожарните служби таму ангажираа дополнителни сили не само за гаснење на шумскиот пожар, туку и за превентивна заштита на куќите во близина на огнот.

„Поради временските услови ангажиравме значителни сили, кои се фокусирани на гаснење на шумскиот пожар, но и на превентивна заштита на куќите“, изјави Томас Мимијак од противпожарната служба.

Регионалните власти во Жиронд во изминатите недели веќе спроведоа евакуации од повеќе населени места по големиот пожар што започна на 22 јули. Официјалните информации на префектурата покажуваат дека дел од жителите подоцна добиле дозвола да се вратат во своите домови, но состојбата останува чувствителна поради можноста за повторно активирање на жариштата.

Во најкритичниот период од јулскиот пожар повеќе од 220.000 луѓе беа принудени да ги напуштат домовите и туристичките места во југозападна Франција. Пожарот зафати огромна површина во Жиронд и се приближи до предградијата на Бордо, што доведе до една од најголемите мирнодопски евакуации во поновата историја на Франција.

Пожарникарите тогаш се соочија со температури над 40 степени, суша и силни ветрови, а во гаснењето беа вклучени и противпожарни авиони и екипи од други европски земји.

Новото разгорување на пожарите доаѓа во сезона во која Франција веќе бележи исклучително големи штети. Reuters проценува дека пожарите годинава би можеле да предизвикаат вкупни штети од 10 до 15 милијарди евра, додека климатските ризици сè повеќе го оптоваруваат и осигурителниот сектор.

Засега француските власти не објавиле наредба за нова евакуација на 200.000 луѓе. Станува збор за население кое потенцијално би можело да биде засегнато доколку пожарите повторно се прошират кон густо населените области околу Бордо.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ѝ верувате на водата од вашиот водовод?