Богатството добива нова мерка: здравјето, времето и долговечноста стануваат луксуз

Луксузниот пазар се менува, а богатите купувачи сè помалку се фокусираат на производи што само го покажуваат нивниот статус. Наместо тоа, сè повеќе се трошат пари на здравје, превентивна медицина, слободно време, лични услуги и програми за долговечност, што укажува на промена во тоа што денес се смета за престиж. 

По застојот предизвикан од пандемијата, пазарот на луксуз повторно расте, но неговата структура се менува. Видливите логоа, скапи предмети и класичните симболи на богатството повеќе не се единствениот начин за покажување висок животен стандард. Времето, приватноста, здравјето и можноста за персонализирани искуства стануваат сè поважни за најбогатите купувачи. 

Особено брзо расте интересот за таканаречените центри за долговечност. Во нив богатите клиенти можат да добијат детални медицински прегледи, персонализирани програми за исхрана и физичка активност, следење на биомаркери и различни превентивни третмани. Некои луксузни хотели и одморалишта веќе воведуваат вакви медицински и велнес услуги како дел од својата понуда. 

Цените покажуваат колку оваа нова форма на луксуз може да биде недостапна за просечниот човек. Во одредени луксузни центри програмите за здравје и долговечност чинат десетици илјади долари, а понудата вклучува напредна дијагностика, магнетна резонанца, интравенски терапии и индивидуализирани здравствени програми. 

Зад овој тренд стои и промената од класичниот велнес кон таканаречената превентивна медицина. Наместо да се реагира откако ќе се појави здравствен проблем, клиентите плаќаат за постојано следење на здравствената состојба и рано откривање на можни ризици. Во исто време, расте интересот за таканаречениот „healthspan“, односно периодот од животот во кој човек останува здрав и функционален. 

Но, научната подлога зад дел од индустријата за долговечност сè уште е ограничена. Експертите предупредуваат дека не сите скапи третмани и протоколи што се нудат на богатите имаат докажано влијание врз продолжувањето на животот. Голем број интервенции се уште се предмет на истражување, па високата цена сама по себе не значи и докажана медицинска корист. 

Паралелно со тоа, дел од истражувањата покажуваат дека богатството е поврзано со подолг и поздрав живот, меѓу другото поради подобар пристап до здравствена заштита, поквалитетна исхрана и помалку стрес. Сепак, тоа не значи дека парите можат да гарантираат долговечност, ниту дека секоја скапа интервенција има дополнителен здравствен ефект. 

Така, новиот луксуз постепено се поместува од она што човек го поседува кон она што може да си го обезбеди за сопствениот живот: повеќе време, поголема приватност, персонализирана здравствена грижа и можност да инвестира во годините што доаѓаат.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?