ССМ: Родителите на првачиња во јавниот сектор имаат право на платен слободен ден

Родителите вработени во јавниот сектор чии деца годинава тргнуваат во прво одделение имаат право на еден платен слободен ден за првиот училишен ден, потсетуваат од Сојузот на синдикатите на Македонија. Правото е предвидено со Општиот колективен договор за јавниот сектор од 2023 година.

Во членот што го уредува платеното отсуство е наведено дека работникот има право на еден работен ден за „прв училишен ден на прваче“. Општиот колективен договор непосредно се применува и е задолжителен за работодавачите и работниците во јавниот сектор.

Од ССМ нагласуваат дека состојбата е поинаква во приватниот сектор. Таму ова право не е гарантирано за сите вработени со Општиот колективен договор, но го имаат голем дел од работниците кои се опфатени со грански колективни договори или со колективни договори на ниво на работодавач.

„Во приватниот сектор, за најголем дел од работниците кои се членови на синдикат во ССМ и се опфатени со грански или колективни договори на ниво на работодавач, ова право е исто така обезбедено“, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Од ССМ велат дека работодавачите досега не прифатиле ова право преку Општиот колективен договор за приватниот сектор да биде обезбедено за сите работници. Синдикатот најавува дека ќе продолжи да бара платениот слободен ден за прваче да важи за сите родители, без разлика дали работат во јавниот или приватниот сектор.

Дополнително, дел од синдикатите членки на ССМ обезбедуваат и финансиска помош за децата на своите членови кои тргнуваат во прво одделение.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?