Брисел без исклучок за балканските возачи – така, барем засега, завршија очекувањата дека Европската Унија ќе понуди посебен режим за професионалците од Македонија и од Западен Балкан. Европската комисија на 1 септември потврди дека го следи проблемот, но правилото за престој до 90 дена во кој било период од 180 дена продолжува да важи.
За професионалните возачи секој работен влез во Шенген се евидентира како престој, без оглед на тоа што тие не патуваат туристички, туку превезуваат стока или патници. Деновите на влез и излез се пресметуваат како цели денови, поради што возачите што често сообраќаат низ повеќе европски држави релативно брзо го достигнуваат лимитот.
Европската комисија нагласува дека Системот за влез и излез, познат како ЕЕС, не вовел ново ограничување. Правилото 90/180 постоело и претходно, но електронскиот систем, кој целосно функционира од 10 април 2026 година, автоматски ги евидентира преминувањата и многу полесно ги открива лицата што го надминале дозволениот престој.
Според официјалното објаснување на Делегацијата на ЕУ во Македонија, возачите можат да избегнат регистрација во ЕЕС доколку имаат дозвола за престој во земја членка или ако надлежните гранични служби ги признаат како прекугранични работници. Сепак, ниту овој статус не создава општ исклучок од правилото 90/180 во целата Шенген-зона.
Европската комисија во својата визна стратегија од јануари првпат експлицитно ги вклучи возачите на камиони меѓу професиите со висока мобилност за кои треба да се разгледа можноста за продолжен краткорочен престој. Но стратегијата најавува истражување на можни нови правила, а не веќе усвоено решение.
Портпаролот на Комисијата Маркус Ламерт изјави дека Брисел е во контакт со партнерите од Западен Балкан, но не потврди дека на 1 септември се одржал најавуваниот состанок за статусот на професионалните возачи. Како достапни можности остануваат долгорочните визи и дозволите за престој што ги издаваат одделни земји членки.
Македонското Министерство за транспорт соопшти дека работи на билатерални решенија со повеќе држави. Според Министерството, договори се постигнати со Швајцарија, Хрватска и Романија, а разговори се водат со Австрија, Германија и Словенија.
Превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора бараат престојот да се пресметува според реално поминатите часови или да добијат посебен професионален статус. По предупредувачките протести, транспортните здруженија најавуваат можни блокади на шенгенските граници од 14 септември доколку не добијат конкретно преодно решение.

