Ова се десетте најбогати на почетокот на септември: Маск преживеа ролеркостер

Десетте најбогати луѓе во светот го почнаа септември 2026 година со заедничко богатство од 2,8 билиони долари, а Илон Маск останува убедливо прв со проценети 892 милијарди долари, откако растот на вредноста на „Спејс екс“ и „Тесла“ му врати 202 милијарди долари за само еден месец.

Во статијата на „Форбс Србија“ летните осцилации на богатството на Маск се опишани како финансиски ролеркостер. Во јули тој загубил 363 милијарди долари, а веќе во август неговото богатство повторно се приближило до границата од 900 милијарди долари.

Пресвртот го донел растот на пазарната вредност на неговите две главни компании. Вредноста на „Спејс екс“ пораснала за 33 проценти, додека акциите на „Тесла“ добиле 18 проценти во текот на август.

Маск во јуни стана првиот човек во историјата со богатство поголемо од еден билион долари, а неговиот личен рекорд достигна 1,33 билиони долари. И покрај августовското закрепнување, тој сè уште е далеку од таа бројка, но располага со повеќе од трипати поголемо богатство од второпласираниот Лери Пејџ.

Пејџ го почна септември со проценети 277 милијарди долари, откако во август загуби 15 милијарди. Зад него се Џеф Безос со 268 милијарди, Сергеј Брин со 256 милијарди и Мајкл Дел со 241 милијарда долари.

Во втората половина од листата се Марк Закерберг со 197 милијарди долари, Лери Елисон со 193 милијарди, Џенсен Хуанг со 191 милијарда, Стив Балмер со 155 милијарди и Амансио Ортега со 148 милијарди долари.

Најголемиот пресврт на дното од листата го направија Балмер и Ортега, кои ги потиснаа Бернар Арно и Ворен Бафет од првите десет. Богатството на Арно се намалило со падот на акциите на „ЛВМХ“, додека позицијата на Бафет ја погодило повлекувањето на акциите на „Беркшир Хатавеј“.

Деветмина од десетте најбогати се американски државјани, а единствениот исклучок е Шпанецот Ортега. Сите на листата се мажи, а петмина располагаат со богатство од најмалку 200 милијарди долари.

„Форбс“ ја пресекол листата на 1 септември, на полноќ според источната американска временска зона. Проценките не претставуваат готовина на банкарски сметки, туку вредност на акции, сопственички удели и приватни компании, поради што богатствата се менуваат за милијарди долари паралелно со движењата на пазарот.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?