СДСМ: Мицкоски ја води Македонија кон долг од 12 милијарди евра

СДСМ ја обвини Владата на Христијан Мицкоски дека со новото задолжување од 1,3 милијарди евра ја води Македонија кон вкупен долг од околу 12 милијарди евра до крајот на 2026 година, што, според партијата, би надминало 65 проценти од бруто домашниот производ.

Од СДСМ тврдат дека новото задолжување ги потврдува нивните предупредувања од изминатите месеци дека во државниот буџет нема доволно пари и дека Владата повторно посегнува по нови долгови.

Според пресметките на опозициската партија, со последната одлука власта за само две години ќе ја задолжи државата со околу четири милијарди евра. СДСМ оценува дека станува збор за задолжување без преседан, чиј товар ќе го плаќаат граѓаните и идните генерации.

Партијата обвинува дека наместо парите да стигнат до граѓаните, тие завршуваат во, како што наведува, „криминални тендери“.

Во соопштението се посочува дека минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство за две години се зголемиле за околу 9.000 денари, додека минималната плата пораснала за околу 3.500 денари. Поради тоа, СДСМ тврди дека работниците што примаат минимална плата реално живеат полошо.

Од партијата повторно побараа минималната плата да се зголеми на 600 евра и го обвинија премиерот Мицкоски дека го одбива ова барање.

СДСМ наведува дека државниот буџет сега изнесува околу седум милијарди евра, но дека граѓаните не почувствувале подобрување и покрај поголемиот обем на јавни пари.

„Нема пари за повисоки плати и пензии, нема мерки за помош на граѓаните и нема мерки за запирање на растот на цените“, се наведува во соопштението. Партијата дополнително ја обвинува Владата дека сака да посегне и по средствата на пензионерите од вториот пензиски столб.

СДСМ тврди и дека новото задолжување од 1,3 милијарди евра не било предвидено во последниот ребаланс на Буџетот.

Во завршницата на реакцијата, партијата ја нарекува министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска „извршител на Мицкоски“ и предупредува дека за постапување спротивно на Законот за буџетите може да следуваат кривична одговорност и затворска казна.

ФОТО: СДСМ

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?