Интервју со Силјановски, Ingram Micro: Како лидерот на пазарот ја претвора вештачката интелигенција во конкретна предност за регионот

Филип Силјановски, регионален директор на Ingram Micro

Ingram Micro не е само најголемиот ИТ дистрибутер во светот, туку е компанија која минатата година се врати на Њујоршката берза со 48 милијарди долари нето продажба и која достигнува до речиси 90 отсто од светската популација. Во овој дел на Европа, таа е и лидерот што ги носи решенијата на најголемите технолошки имиња како Cisco, Microsoft, Dell, IBM, Check Point, Veeam, Juniper, VMware, Zebra, токму до партнерите и клиентите во Македонија, Албанија и Косово. На петтото издание на Ingram Micro & Vendors Networking во Охрид, кое собра речиси 200 високи одлучувачи, токму вештачката интелигенција беше во центарот на дебатата.

Филип Силјановски, кој го предводи присуството на компанијата во регионот, за Рацин објаснува зошто, по неговото убедување, AI веќе не е прашање на технологија туку на стратешки избор и зошто токму изборот на партнер ќе ги одвои регионалните компании што ќе предводат од оние што ќе заостануваат.

Рацин: Ingram Micro низ платформата Xvantage веќе има распоредено над 400 модели на вештачка интелигенција и машинско учење. Како лидер на пазарот, што таа технологија конкретно менува за вас и за регионот?

Филип Силјановски: Дозволете прво да ставам бројки зад зборот „лидер“, затоа што токму тие ја прават разликата. Кога говориме за вештачка интелигенција кај Ingram Micro, не зборуваме за пилот проект. Зборуваме за над 400 распоредени AI и ML модели на нашата платформа, за систем што минатата година претвори илјадници е-пошти директно во нарачки и за интелигентен дигитален асистент што генерираше над половина милион проактивни контакти со клиенти и помогна да се конвертираат над 100.000 можности во реални договори.

Тоа не е иднина, тоа е сегашност, во продукција на дело. И токму тука лидерската позиција има тежина, бидејќи ние ја градиме и докажуваме таа технологија на глобално ниво, регионалниот партнер во Скопје, Тирана или Приштина не мора да инвестира милиони за да ја има. Тој ја добива готова, безбедна и интегрирана.

Кога ќе склучите договор со нас, не склучувате со локална канцеларија, туку склучувате со компанија вредна 48 милијарди долари, со портфолио од Cisco, Microsoft, Dell, IBM и останатите светски лидери зад себе. Тоа е стабилност и пристап што инаку се резервирани само за најголемите пазари.

Рацин: Goldman Sachs проектира речиси 2 трилиони долари потрошувачка на вештачка интелигенција до 2030 година. Истовремено, AI се враќа од облакот кон уредите кон AI работните станици. Каква стратегија треба да имаат регионалните компании за да не ја пропуштат таа можност?

Филип Силјановски: Двата тренда што ги споменавте се двете страни на истата паричка. Од една страна, огромен капитал влегува во вештачка интелигенција, речиси 2 трилиони долари до крајот на деценијата. Од друга, таа интелигенција повеќе не живее само во далечни центри за податоци туку се враќа на лаптопот, на работната станица, поблиску до корисникот. За регионот ова е стратешки момент, не технички детал. Зошто? Затоа што AI работната станица значи дека веќе не ви треба сопствен центар за податоци за да имате сериозна способност туку потребен е правилен хардвер, правилен софтвер и правилен партнер што знае да ги спои.

Тоа го изедначува теренот меѓу голем и мал пазар како никогаш досега. Но изедначениот терен не значи загарантирана победа. Победува оној што ќе направи правилни избори поточно кој вендор, која инфраструктура, која AI стратегија. Тоа се одлуки на ниво на управен одбор, не на ИТ оддел. И тоа е причината зошто платформи како нашата постојат, за да помогнеме тие одлуки да се донесат информирано и правилно, наместо да се трча по секоја новина.

Рацин: Сепак, многу компании зборуваат за AI, а малку ја применуваат вистински. Каде е јазот и како лидер на пазарот како го премостувате?

Филип Силјановски: Јазот не е технолошки, тој е во дисциплината и во довербата. Многу компании купуваат AI алатка очекувајќи магија, немаат јасен проблем што го решаваат, се разочаруваат, и потоа цела организација станува скептична кон технологијата воопшто. Нашата улога како лидер не е само да продадеме решение, туку да го намалиме ризикот за партнерот.

Тоа го правиме на два начина. Прво, ние директно предлагаме и советуваме, од стотици решенија на нашите вендори, му помагаме на партнерот да го избере токму она што решава негов конкретен проблем, наместо да го оставиме сам во морето од информации и опции. Второ, ние оспособуваме, тоа значи дека преку едукативни програми, преку наменски патеки за вештачка интелигенција и преку алатки во самата платформа што му даваат препораки директно во неговиот секојдневен тек на работа. Мојот совет до секоја компанија е ист, не почнувајте од технологијата, почнете од процесот што најмногу ви е потребен. Каде губите време? Каде губите пари? Внесете AI таму, измерете го резултатот, и дури тогаш проширувајте. Компаниите што ќе ја усвојат таа дисциплина во следните дванаесет месеци ќе одат напред. Останатите ќе плаќаат данок на сопствениот хаос.

Рацин: Скоро изјавивте дека партнерствата веќе не се опција, туку самата стратегија. Што тоа значи во ера кога технологијата се менува секој месец?

Филип Силјановски: Тоа значи дека ниту една компанија, без оглед на големината, повеќе не може да гради сè сама. Технолошкиот свет е премногу комплексен, темпото премногу брзо, регулативата премногу зрела. Ако сè уште ги гледате добавувачите само како добавувачи, а не како стратешки партнери, веќе заостанувате зад конкуренцијата. Конкретно, тоа значи три работи. Прво тоа е помал број длабоко интегрирани партнерства наместо широко, неповрзано портфолио на снабдувачи. Второ, тие партнерства да имаат заедничка визија и заеднички инвестиции за развој, не само трансакции. И трето, тие партнери да имаат стабилност и вештини да ве поддржат и кога ќе се случи нешто непредвидено. Тука лидерската позиција на Ingram Micro е директна предност за регионот. Ние сме мостот меѓу глобалните технолошки лидери Cisco, Microsoft, Dell, Check Point, Veeam и останатите воедно и локалниот пазар. Кога партнерот работи со нас, тој не добива само еден производ, туку добива пристап до цел екосистем, со гаранцијата дека зад него стои најголемиот дистрибутер во индустријата. Во ерата на AI, партнерот што денес ќе го подготви клиентот, утре ќе ја има најстратешката врска со него. Токму тоа е она што го гледаме во бројки секој ден.

Рацин: Вештачката интелигенција ги менува и потребните вештини. Што тоа значи за пазарот на труд и за младите во регионот?

Филип Силјановски: Тоа е можеби најпозитивната приказна од сите. Гледаме како нашите тимови и во регионот, и во европските центри на компанијата преминуваат од извршување процеси кон создавање решенија. Профилите што ги бараме денес се сосема поинакви отколку пред пет години, започнувајќи од аналитичко размислување, дигитални вештини, способност за работа со податоци и се со самата вештачка интелигенција. Не сите ќе бидат инженери, но сите ќе мора да знаат да работат со интелигентни алатки, тоа станува писменост, не специјалност.

За младите во регионот ова е историска можност. За прв пат, локацијата престана да биде ограничување. Ако ги имаш вештините, можеш да бидеш дел од глобална платформа од Скопје исто толку колку и од Лондон или Њу Јорк. Како лидер на пазарот, ние имаме и одговорност тукам затоа толку инвестираме во едукација. Не градиме само бизнис, преку нашиот Тренинг центар градиме база на таленти што ќе му служи на целиот регион подолгорочно.

Рацин: Што е следната стратешка фаза за Ingram Micro во регионот?

Филип Силјановски: Следната фаза е продлабочување, не ширење. Сакаме постоечките партнерства да станат уште посилни, клиентите да добиваат уште поголема вредност од соработката, а нашиот тим да реагира уште побрзо на потребите на регионот. Тоа значи поголема локална експертиза и платформа што е секогаш чекор пред пазарот, местото каде што се поставуваат прашањата што денес уште не се популарни, но за две-три години ќе го одредуваат работењето на сите. И една стратешка вистина што ќе ја повторам, вештачката интелигенција нема да ги замени компаниите. Но компаниите што ја користат ќе ги заменат оние што не ја користат. Нашата работа како лидер на пазарот е да се погрижиме регионалните компании да бидат на правилната страна. Токму таа разлика се гради денеска, не утре.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?