Австрија предупредува, постепената интеграција во ЕУ не смее да стане чекалница

Австриската министерка за Европа, интеграција и семејство, Клаудија Бауер, предупреди во Вашингтон дека постепената интеграција во ЕУ може да му донесе конкретни придобивки на Западен Балкан пред полноправното членство, но не смее да се претвори во трајна замена за него. Според неа, моделот треба да ги наградува реформите, а не да создаде нова чекалница за регионот.

Бауер објасни дека кандидатите би можеле постепено да добиваат пристап до одделни европски политики и делови од единствениот пазар. Како примери се посочуваат пристапувањето кон Единствената област за плаќање во евра и планираното вклучување на Западен Балкан во европската зона без трошоци за роаминг.

Австриската министерка нагласи дека проширувањето е процес во кој обврски имаат двете страни. Земјите кандидати треба да ги спроведат реформите, но ЕУ мора да одговори со видлив напредок кон членството и да ја врати довербата во ветувањата дадени пред повеќе од две децении.

За Северна Македонија, Бауер оцени дека евроинтегративниот процес е заглавен. Таа посочи дека билатералните прашања со Бугарија треба да се решаваат меѓу двете држави и дека, според нејзиниот став, тие не треба да го определуваат текот на пристапувањето кон ЕУ.

Австрија претходно предложи реформите во конкретни области да се наградуваат со постепен пристап до соодветни делови од европскиот пазар. Предлогот го поддржаа Италија, Словачка, Словенија и Чешка, а Виена инсистира дека станува збор за дополнителен поттик, а не за пократок пат или алтернатива на членството.

Сепак, постепеното вклучување носи и ризик земјите кандидати да ги преземаат европските правила без право да учествуваат во нивното донесување. Токму затоа Бауер нагласи дека економските и практичните придобивки не смеат да станат изговор полноправното членство да се одложува без јасна перспектива.

Бауер го оцени Црна Гора како предводник на процесот и нејзината цел за членство до 2028 година како амбициозна, но остварлива. За другите земји од регионот, темпото и натаму ќе зависи од спроведените реформи, но и од политичките одлуки на земјите членки.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?